Писателот Ерих Кестнер во светот на децата и на возрасните

„Двојната Лота”? Уште паметам колку ме зачуди овој наслов за детска книга. Тој не раскажуваше во раниот социјалистички дух за чудотворни кавали, волшебни самарчиња, за овчарчиња и поточиња за кои најчесто раскажуваа насловите на најпознатите македонски писатели за деца во тоа време. Времето беше тоа на почетокот на шеесеттите, пред земјотресот во Скопје, кога имав десет години. Ниту една од книгите за деца што ги знаев тогаш не беше вистински роман. А „Двојната Лота” беше роман за деца! Не паметам повеќе кој ми го позајми тој за мене тогаш толку возбудлив роман за деца на еден од најпознатите германски писaтели Ерих Кестнер (Erich Kästner, 1899-1974).

Притоа паметам дека јас бев на почетокот на петтото одделение. Не верувам дека се работеше за задолжителна литература. Затоа што тогаш ќе морав да паметам дека за тој роман сме зборувале со учителката на часовите. Денес, пак, романот на Кестнер за двете близначки е очигледно школска лектира за македонските деца. Уште паметам колку бев возбудена кога почнав да го читам тој толку несекојдневен роман за деца. Приказната ме восхити и ме однесе во еден неверојатен, за мене целосно непознат свет. Таа приказна што не се случуваше во некое македонско село како во македонските книги за деца. Кестнер со многу непосреден јазик уште од првата страница го катапултираше малечкиот читач во летувалиштето за деца на едно германско езеро. Подоцна приказната го водеше во метрополите Виена и Минхен. Кога ќерка ми во Германија беше на возраст од девет години, и‘ го подарив истиот роман, но сега во оригинал, на германски. Иако тогаш сознав дека македонскиот наслов „Двојната Лота” не го пренесува најпрецизно насловот на германскиот оригинал, се радував што книгата ја восхити и ќерка ми. Имено, германскиот наслов гласи „Das doppelte Lottchen“. Името на близначките во оригиналниот наслов е во деминутив. Тоа на македонски буквално би гласело „Двојното Лотиче” или „Двојната Лотичка”. И, секако, книгата „Das doppelte Lottchen“ ја читаше пред две години и внука ми.

Ерих Кестнер
Ерих Кестнер

Децата како возрасни

Тоа што ме восхити не само мене кога бев на десет години, туку и ќерка ми и внука ми на истата возраст, беше фактот што двете близначки со тоа што ги разменуваат местата кај своите разделени родители, им „одржуваат” морална лекција на возрасните. Еден од најпознатите германски литературни критичари, Марсел Рајх-Раницки (Marcel Reich-Ranicki), говорејќи во една пригода за делото на Ерих Кестнер, истакнува дека тој е првиот писател за деца кој децата во своите дела ги третира како возрасни. Уште во својот прв роман за деца, „Емил и детективите” („Emil un die Detektive” 1929), Кестнер го применува тој принцип во обликувањето на приказната. Децата прават план да го фатат крадецот по кого Емил, детето кое само што допатувало во посета на баба му во Берлин трага, затоа што во возот му ги украл парите кои биле наменети за баба му. Колку оригинален е новиот пристап кон литературата за деца на Кестнер, говори не само приказната во која децата се главните актери, туку и тој самиот се појавува во неговата реална професија како новинар.

Романот за деца на Ерих Кестнер - „Емил и детективите
Романот за деца на Ерих Кестнер – „Емил и детективите

Освен тоа, Кестнер е првиот што го воведува секојдневниот говор во раскажувањето на приказните за деца. Тој јазик бил вистинско освежување, спореден со оној во бајките или во авантуристичките романи на Карл Мај. Овој момент, според Рајх-Раницки, дозволува романот „Емил и детективите” да се смета како исто толку важен за модерната литература за деца колку и романот на Алфред Деблин (Alfred Döblin) “Берлин Александерплац” („Berlin Alexanderplatz“ 1929) за модерната проза за возрасни.

 

Жесток противник на националсоцијализмот

На 23-ти февруари оваа година се исполнуваат 125 години од раѓањето на Ерих Кестнер во Дрезден 1899-та. Денес, кога десничарската и неонацистичката идеологија е се‘ поприсутна во многу европски земји, станува уште позначајно да се истакне критичкиот став на Кестнер кон националсоцијализмот. Што е најинтересно, тој уште во времето на Вајмарската република, што значи, по Првата светска војна, почнува во поезијата да го артикулира своето пацифистичко поетско и етичко кредо.Тој е жесток противник на националсоцијализмот и на расизмот. За да го изрази својот критички став во поезијата, тој се послужува со хуморот, сатирата, гротеската и алегоријата. Пример за тоа е песната „Проблемот на фирерот, генетски посматран“ („Das Führerproblem, genetisch betrachtet”). Поради тоа нацистичкиот режим ги забранил сите негови дела објавени до 1933. Истата година неговите дела се јавно запалени во Берлин. Кестнер бил сведок на палењето на неговите поетски книги и на романот за возрасни „Фабијан” („Fabian“, 1931), при што една жена го препознала и тој го напуштил настанот. Иако при ова палење на неговите книги не бил запален и веќе светски прочуениот роман за деца „Емил и детективите”, тој бил. сепак, забранет во 1936.

Ерих Кестнер бил уверен дека режимот на Хитлер ќе трае „само неколку месеци, најмногу една година”. Затоа не сакал да емигрира. Во една своја песна пишува зошто останал во Хитлерова Германија: затоа што неговиот Дрезден не го пуштал да си оди. По војната истакнувал дека не емигрирал затоа што не сакал да ја остави мајка му сама во Германија. Од 1933 му е забрането да објавува, но тој продолжува да твори и објавува под неколку псевдоними. За да преживее, го пишува тоа што го бара „духот на времето”: забавни романи и сценарија за комедии. Таков е филмот „Минхаузен” (1943). Останатите негови дела Кестнер ги објавува илегално во Швајцарија.

Сето време во војната тој водел детален дневник за сите ужаси и злодела, со намера да го објави како сведоштво по крајот на војната. Сепак, никогаш не го објавил. Се претпоставува дека една од причините била средбата со еден Евреин кој го преживеал Аушвиц и му го опишал процесот на систематското убивање во логорот на смртта во најситните детали: од депортацијата, пристигнувањето во логорот, страдањето во него, се‘ до убивањето во гасните комори. Се вели дека Кестнер тогаш сфатил дека ниту едно сведоштво за војната не може да го опише ужасот во Аушвиц, па затоа се откажал да ги објави своите дневници.

Тој секогаш за себе сметал дека е просветител. Затоа уште во мај 1945 ја прифатил понудата од сојузничката американска администрација да работи во еден нов весник во Минхен. Првиот број на весникот „Neue Zeitung“, чиј издавач била американската армија, излегол во февруари 1945. Во него Кестнер бил уредник на рубриката за култура и литература. Американските издавачи на весникот имале особен интерес во рубриката литература да ги објават делата на авторите кои во времето на нацистичкиот режим биле забранети. Писателот Ерих Кестнер бил идеалната личноста за тој ресор во новиот весник. Прецизните и детални дневници кои ги водел во текот на војната му овозможиле да одговори на својата просветителска задача на најдобриот начин.(dw)

Кица Колбе

Back to top button
Close