Писмо од директорот на Нафтена индустрија на Србија до вработените: Подготвени се алтернативи за плаќање на бензински пумпи
Генералниот директор на Нафтената индустрија на Србија (НИС) Кирил Тјурдењев испрати писмо до вработените во врска со воведувањето санкции, кои, очигледно, ќе следат на 1 октомври. Во писмото, тој се осврнува и на прашањето што ќе се случи ако банките, поради воведувањето санкции, ја прекинат соработката со НИС, објави Нова Економија.
Тјурдењев рече дека НИС добил посебна лиценца од Министерството за финансии на САД, со што се одложува примената на санкциите до 1 октомври.
„Она што можам да ви го потврдам сега е дека нашата рафинерија во Панчево моментално работи нормално, обезбедивме доволно снабдување со сурова нафта за преработка, како и доволно количество нафтени деривати за нашите магацини и бензински пумпи, а со тоа и за снабдување на пазарот. Во случај на прекин на соработката на одредени банки и компании од финансискиот сектор со нашата компанија во наредниот период, подготвени се алтернативни решенија за плаќање на нашите бензински пумпи“, наведува тој во писмо до вработените.
Тој се осврна и на прашањето за платите на вработените доколку банките ја прекинат соработката со НИС.
„Важно е да знаете дека, доколку одредени банки ја прекинат соработката со компанијата, тоа нема да влијае на вашите лични сметки. Активно ќе се прилагодиме на новите околности и ќе бараме решенија во согласност со ситуацијата“, вели Тјурдењев во писмото.
Медиумот наведува дека НИС најверојатно ќе ги исплаќа платите на вработените преку Поштенска штедионица, имајќи предвид дека тоа е единствената банка во 100% државна сопственост.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, од Њујорк изјави дека САД ќе воведат санкции врз српската нафтена индустрија од 1 октомври. Исто така, Министерството за финансии на САД издаде нова посебна лиценца со која му се дозволува на НИС да врши оперативни активности најдоцна до 1 октомври оваа година. Санкциите за првпат беа воведени на почетокот на 2025 година, но беа одложени вкупно шест пати. Првото одложување следеше кратко по воведувањето, а последното до 26 септември.
Санкциите беа воведени врз НИС поради руска сопственост.