„Плацеви на Водно“ и зграда во центарот на Скопје: Што разоткри судскиот случај против Груевски

Екс премиерот Никола Груевски со азил во Унгарија по бегството во 2018 година по судската пресуда, негираше дека има три станови во зградата Панорама резиденс, како што тврдеше обвинетиот Орце Камчев пред неколку дена во судницата за случајот „Плацеви на Водно“.
-Тоа се три апартмана во квадратура од 750 метри квадратни. Не се под хипотека, се чуваат за примопредавање. Ги чува Мето Стојчевски. Знам дека се за Никола Груевски, тоа е јас што знам, рече Камчев кој претходно сведочеше дека Груевски плацевите на Водно ги трампал за три станови во Панорама резиденс.
Мето Стојчески, зетот на бизнисменот Орце Камчев во своето сведочење ги потврди минатонеделните искази на обвинетите Орце Камчев и Ристо Новачевски дека екс премиерот Никола Груевски го трампал големиот плац на Водно за три стана во градежното здание „Панорама“.
„Меѓутоа, ако, според сведочењата, Стојчески ги „чувал“ трите стана од „Панорама“ за Груевски и не ги „чувствувал како свои“, остана нејасно за кого ја „чувал“ зградата долу во центарот на Скопје за која се зборуваше во процесот, пишува БИРН и додава дека Стојчески само рекол дека зградата, исто како трите стана, „не ја чувствува за своја“, и покрај тоа што формално е имот на неговата компанија „ССИ Инвестмент“.
– На прашање дали сум ги превзел тие станови, кажал дека не сум ги превзел и дека ми ги чувал Мето Стојчевски, кој е зет од сестра на Орце Камчев. Какви лаги!!! Неверојатно!!! Неможам да поверувам!!! Ниту поседувам такви станови, ниту сум ги договорил со некој, ниту некој ми ветил или ми чува станови некаде, каде незнам ни каде точно е тоа, ниту со некого сум договарал такво нешто. Па вака секој што има станови може да каже еве овие станови кои не ми се продадени ги чувам за Груевски. Еден ден да му ги дадам и да ги превземе. Каква лудост!, напиша Груевски.
Зградата, според сознанија на БИРН, е всушност поранешниот објект на „Авиоимпекс“ на улицата 11 Октомври и се наоѓа веднаш спроти објектот на ЗОИЛ во центарот на Скопје. Таа е двокатница и има околу 1.300 квадрати, од кои повеќето се всушност деловен простор.
Во Катастар, зградата е запишана како сопственост на фирмата „ССИ Инвестмент“.
Во оваа зграда своевремено била сместена фирмата за обезбедување СГС, за која се зборуваше дека е во сопственост на Сашо Мијалков кој според „бомбите“ имал влијание во оваа фирма и лично одлучувал кој ќе се вработи во СГС.
-Во урбанистичкиот план, на местото од оваа зграда до 2019 година имаше градежна маркичка за поголем објект, осумкатница, меѓутоа Советот на Општина Центар во 2019 го ревидираше ДУП-от и ја врати состојбата на постојното решение, пишува БИРН.
Случајот „Плацеви на Водно“ се однесува на плацевите купени од поранешниот премиер Никола Груевски на Водно за 1,2 милиони евра – пари, според обвинението, украдени од членарините уплаќани од членовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Според обвинението, овие пари Груевски потоа ги испрал со помош на сообвинетите: Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ристо Новачевски, Ненад Јосифовиќ и мајката на Орце Камчев – Ратка Куновска Камчева.






