Плачат за Југославија, а вадат бугарски пасоши

Ако ве нервира агресивната предизборна кампања и ако не можете да ја одбегнете, најдобро е да ги прифатите фантастичните ветувања како хумористична емисија. Кога ќе ги слушнете пoнудите за вашиот многу ценет глас за кандидадите за градоначалници и советници, што сѐ тие ќе направат за четири години од нашите градови и населени места, слаткото смеење може да биде добра терапија во овие снеубавени времиња на пандемија.

Открив дека има една закономерност во големината на лагите. Што се помали шансите на кандидатот за градоначалник, толку се поголеми лагите. Нив воопшто не им е тешко да ветат сѐ што ќе им падне на памет, или што виделе и прочитале дека постои во светот. Ете, на пример еден несуден градоначалник ќе прави пловен Вардар од Ѓорче Петров до Лисиче и нормално бродови што ќе превезуваат патници. Заборави да каже каде ќе бидат попатните пристаништа.

Сепак, човекот бил прилично воздржан, оти за пловен Вардар до Солун и Егејското Море, а нешто подоцна и до Морава и до Дунав, па се до Црното Море, одамна сме чуле како голем проект и една од најголемите предизборни лаги. Веројатно кандидатот имал малку усул и тоа им го препуштил на лажачите на парламентарните избори оти пловен Вардар до Белото и Црното море уште го крева адреналинот и ја разгорува фантазијата дури и кога е општопознато дека е ујдурма со опашка од три илјади километри и тешка стотици милијарди долари.

Срамно сме заостанале зад Стоби, Хераклеа и Скупи 

Многу се смешни и ветувањата кои навидум изгледаат реални и остварливи за изградба на канализации, фекални и атмосферски, водоводи, училишта, градинки, бесплатен јавен превоз, пречистителни станици и колектори, чисти градови, чист воздух, бистри реки и езера, хумани урбанистички планови, брзи сообраќајници и брзи пруги и трамваи, урбанизирани приградски населби, за 24 часа решен проблем со дивоградби, нови паркови, пошумени падини и планини, пешачки и велосипедски патеки, рекреативни зони, спортски центри, катанец на  големи загадувачи, уредни гробишта… Милина една на сите страни.

Сѐ што не е изградено во изминатите 76 години, партиските и независните пропагандисти ќе изградат за месец дена во предизборната кампања. Би било многу интерсно нашите амбициозни истражувачки новинари да ги прелистаат најатрактивните предизборни комунални ветувања во изминатите 30 години на слобода и демократија, на повеќепартиски систем и да ги споредат со тажната реалност на македонските градови. Колку срамно сме заостанале зад Стоби, Хераклеа и Скупи!

Две третини од Македонија нема фекална канализација, уште повеќе нема атмосферска канализација, септичките јами се уште се градат и празнат, како нешто многу нормално и вообичаено. Партиите и властите не сакаат многу да градат под земја. Тоа не се гледа, ич не им е атрактивно и не носи поени. Половина од населението во Македонија нема чиста вода за пиење. Не ви се верува? Проверете ќе испадне повеќе од половина држава.

Училишта се градат, но уште работат во смени и не ги задоволија потребите и не го достигнаа нивото што приличи на 21 век. Освен неколку исклучоци кои можат да се набројат на прсти. Градинки никогаш доволно.

Особено ми се интересни ветувањата кога нешто ни нудат бесплатно. Се што ќе добиете без пари може да ве чини прескапо. Бесплатен јавен превоз во Скопје и згора уште 250 зелени автобуси на електричен погон. Немојте да пресметувате колку тоа ќе ја чини државата, ни граѓаните. Не губите време бидејќи од тоа нема ништо. А и да има, ќе мора скапо да се плати.

Цела држава депонија 

Рече ли некој дека ќе се градат добро заштитени депонии со сите нишани и технолошки достигнувања како да станува збор за рајска градина. Не, зборот депонија во Македонија е забранета тема. Може да се гради само на „туѓа“ територија, не во близина на мојот град, или населено место. А и зошто ни е кога целата држава е една голема депонија и кој каде сака може да фрла секакво ѓубре и во реките, и покрај реките и во езерата, и на планините и во каналите за наводнување, па и на улица, најдобро покрај кантите за ѓубре.

Има ли смисла воопшто да зборуваме за пречистителни станици, колектори, бистри реки и езера, хумани урбанистички планови каде човекот е во центарот на вниманието, нови паркови, урбанизирани приградски населби на големите градови каде што има се уште гета кои се во полоша состојба од логори. Можно ли е да се ветува, а да не се лаже дека некој ќе става катанец на валканата индустрија и големите загадувачи, или дека ќе ги уреди градските гробишта на ниво на оние државите чии војници, кои ги загубиле животите на боиштата на територијата на Македонија, како што се француските, англиските и грчките воени гробишта. Не, кај нас тоа не е можно. Ние уште им ги кршиме бистите на нашите херои кои ги дале животите за својата татковина и на заслужните големи дејци што ја задолжиле Македонија со своите дела. А, знаеме да се удираме силно во гради за славното историско минато.

Значи, нема потреба од никакво вознемирување од големите предизборни комунални ветувања. Лажењето стана толку нормално што никој не ни замера. Немојте некаде гласно да кажете дека не ви се верува во реализацијата на некој грандиозен потфат, можете да испаднете смешен оти никој не верува, а најмалку тие што тоа го ветуваат.

Тие што не го вадат народот од уста 

Меѓутоа, има една посебна група на големи лажачи кои се многу уверливи бидејќи тие „удираат“ по најчуствителните сетила на граѓаните. Тоа се лажните патриоти кои пред избори и по избори  најмногу лажат и со најштетни последици. Ќе ги препознате по тоа што тие не го вадат својот народ од уста. А, зинат и го кажат зборот народ, загрозени национални интереси, идентитет, јазик…. веднаш знајте дека си имате работа со дежурни бранители на националните интереси и хигиеничари на чистата раса.

 

Тие веднаш ги откриваат домашните предавници и надворешните непријатели, разните странски платеници, продадени души антимакедонци и антиалбанци… кои се осудуваат да имаат спротивно мислење од нивните големи научни авторитети, во чии кабинети во алејата на бесмртните се откриваат белосветски и домашни завери против Македонија. Како загари ќе ви се с’снат да ве задават како оние мали и обични уплашени човечиња од филмовите на Анджеј Вајда, кои наеднаш кога ќе им се даде внимание стануваат многу значајни и храбри оти им е доверена месијанска улога да ја спасуваат татковината од опасни елементи и петоколонаши. За нив воопшто не е важно дали се локални, парламентарни, претседателски избори и референдуми.

Тие ја намирисуваат опасноста и го откриваат секој сомнителен збор на непријателот кој демне да ја обезличи и распродаде државата и својот народ. Знаат со години да молчат, да бидат нечујни и невидливи додека не добијат главна улога само во првиот чин, потоа ги префрлаат во статисти и одново молкнуваат и се камуфлираат како камелеони како ништо да не било, а во нив прикриено гори лутината што пак останале без ветените титули и признанија. Час се бескомпромисни комунисти и атеисти, час војводи и големи верници и демохристијани, час демократи и либерали, хуманисти и легалисти, вмровци и сдсмовци, социјалисти и капиталисти, плачат за Југославија, а вадат бугарски пасоши со потпис за нивното бугарско потекло. Ете тоа се дежурните лажни македонисти, а во суштина ништо не се. Само итромани и штеточини.

 

Back to top button
Close