Плановите на Путин за контрола на Молдавија

Нервозата во Република Молдавија сега веќе се чувствува речиси на дневна основа. Изминатиот викенд повторно илјадници лица протестираа на улиците на главниот град. Демонстрантите скандираа против проевропската влада. Во тој контекст, полицијата уапсила седум лица на кои им се префрла дека проруска мрежа со помош на руските тајни служби работела на „дестабилизирачки дејствија” кои биле организирани во Молдавија „преку демонстрации”. Москва досега ги отфрла таквите наводи како „фалсификати”, но во поранешната советска република со повеќе од 2,5 милиони жители „врие”, а ситуацијата дополнително се вжешти по рускиот напад врз Украина во февруари 2022 година.

Да се шири проруско расположение

Русија очигледно веќе подолго време има план за Република Молдавија. Тоа произлегува од еден документ кој беше анализиран од страна на јавниот германски сервис ВДР, НДР и весникот „Зиддојче цајтунг” во соработка со меѓународни партнери. Според него, руските власти пред почетокот на војната, во летото 2021 година, во стратешки документ утврдиле како сакаат да ги поттикнат проруските струи и истовремено да спречат ориентирање на земјата кон Запад. Стратешкиот план на пет страници ги сумира целите на политичкиот, воен и безбедносен, како и трговски, економски и општествен план во Молдавија. Документот очигледно е изработен од истите експерти кои испланирале и приклучување на Белорусија кон Русија. На прашање во претседателскиот кабинет околу наводните планови за Молдавија, не добивме одговор. Молдавија во документот се оценува како важна сцена за пресметката со Западот. Централна цел на Русијаза претстојните десет години, според документот, е „да се спречи обидот на екстерни чинители да се мешаат во внатрешните работи на Републиката”. Со ова се алудира на НАТО. Русија сака да спречи заслабнување на позицијата на Руската Федерација. Истовремено Москва сака да помогне кога е во прашање можно учество на Молдавија во сојузи во кои доминира Русија. Конкретно се мисли на Организацијата за договор за колективна безбедност, како и на Евроазиската економска унија. Меѓу политичките и економски елити треба да се шири „проруско расположение”.

 

Повеќе настава на руски јазик

„Интересот на Молдавија за рускиот пазар” очигледно Русија ќе го користи како економско средство за притисок за да ги спречи молдавските власти да им „наштетат на руските интереси во регионот”. Планови очигледно има и за образовниот сектор. Според документот, ќе се прошири понудата за „настава по руски јазик на далечина” за учениците од Молдавија. Руски универзитети треба да отворат филијали во Молдавија, се вели во документот. Во долгорочна перспектива, до 2030 година во тамошното општество и во политичките кругови треба да се создаде „негативен став во однос на НАТО”. До тогаш треба да се обезбеди и „широко присуство на руски медиуми” во земјата. Западни безбедносни експерти документот го сметаат за автентичен. Висок по ранг соработник на западна тајна служба вели дека на Москва и` е битно „да постави знак стоп во правец на Западот”. Според Штефан Мајстер, шеф на програмата Меѓународен поредок и демократија во тинк-тенкот Германско здружение за надворешна политика, од документот јасно произлегува пред сѐ дека Русија се гледа во „директна конкуренција” со ЕУ и НАТО и се обидува да се спротивстави на нивната политика за интеграција и на нивниот наратив.

 

Транснистрија како влезна порта

Војната во Украина очигледно придонесе борбата околу Молдавија веќе да не е прашање на години. Молдавија се приближува кон Западот и носи реформи, така што влијанието на Русија може да се намали ако не се активира повеќе. Колку е фрагилна ситуацијата во Молдавија се покажа минатиот месец, кога во период од неколку дена руски ракети летаа кон Украина преку Молдавија, по што премиерката се повлече од функцијата, а Украина предупреди дека постои детален руски план за дестабилизација. Кај Западот постои загриженост дека Москва брзо сака да ја смени ситуацијата на што укажува и заострувањето на ситуацијата во Транснистрија, каде има руски сили и веројатно најголемиот лагер за оружје во источна Европа. Руска војска е стационирана од 1992 година во самопрогласената Република Транснистрија. Владата во Кишињев повеќе пати побара безуспешно од Кремљ да ја повлече војската. Одметнатиот регион со околу половина милион жители според меѓународното право припаѓа кон Молдавија, но Русија замрзнатиот конфликт во регионот би можела да го искористи како влезна порта.

 

 

„Намерни руски активности”

Според интерниот стратешки план, Молдавија краткорочно, односно за неколку години, треба да ги повлече мерките со кои се врши политички или економски притисок врз Транснистрија. Во една од точките експлицитно се споменуваат руските сили: треба да се „неутрализираат” иницијативи во Молдавија кои целат кон отстранување на руското воено присуство во Транснистрија.

И сојузната германска влада внимателно ја следи состојбата во регионот. Од Министерството за надворешни работи се вели дека кризата во Молдавија „е влошена преку насочени руски активности”. Владата има извештаи за „инсценирање на протести во Молдавија преку руски чинители”, се вели.

Колку е тензична и непрегледна ситуацијата се покажа пред неколку дена, кога руската новинска агенција Риа јави дека наводно биле спречени обиди за напади врз високорангирани функционери во Транснистрија. Проруските власти во Транснистрија за тоа, според новинската агенција Ројтерс, ги обвинуваат украинските тајни служби. Молдавија го расветлува настанот. Од Киев пак ги отфрлија обвинувањата и посочуваат на Русија и дека таму е агресорот. Според нив, Москва само бара повод за да нападне во Транснистрија – и потоа да ја стави под своја контрола цела Република Молдавија.

Во истражувањето учествуваа: Јаху њус, Делфи Естонија, Киев Индепендент, Експресен, Фронтстори.пл, ВСКвер, Белорускиот истражувачки центар, Досие Центар, Рајз, Зиддојче цајтунг, НДР и ВДР

(Yahoo News, Delfi Estonia, Kyiv Independent, Expressen, Frontstory.pl, VSQuare, Belarusian Investigative Center, Dossier Center, Rise, Süddeutsche Zeitung, NDR i WDR )

Извор: дв

Back to top button
Close