ПЛАНСКО КРАДЕЊЕ
Ако може линеарно покачување на пензиите, зошто да не може линеарно враќање на ДДВ?
Пензионерите се солидна бројка лојални гласачи, ама не треба да си ни просечен правник или економист за да знаеш дека линеарно покачување на пензиите, едноставно, не држи вода во држава која одлучила да се развива како капиталистичко општество со пазарна економија. Особено ако на власт е конзервативна партија, во чијашто идеологија по природата на нештата би требало да е запишано дека капиталот и личните примања се светиња. Не треба да си уставен судија за да знаеш дека моделот на линеарно покачување на пензиите е неуставен. Ако тој модел е одржлив, тогаш и покачувањето на платите на сите во државната и јавната администрација треба да биде линеарно.
Пензиите не се социјална категорија. Не се ни награда. Пензиите се лична заработка. И ако државата сака да им помогне на пензионерите што се со најниски примања, може да си предвиди посебна стапка во буџетот, како што си предвидува и за други ранливи категории, а не да чепка во туѓите заработки.
Верувам дека тоа го знае и премиерот Христијан Мицкоски. Ама кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, не ни треба ни Уставен суд. Оти премиерот е сѐ во едно, па по потреба е и уставен судија и директор на Пензискиот фонд. И еве, да не бидеме како него, ајде да не коментираме дали урамниловката како модел за пензиите е уставна или неуставна. Туку, дали е логична.
Мене муабетов му се чини беспредметен. Ама логиката на премиерот е: или ќе биде на мој начин, или тие што ќе ми се спротивстават ќе ги навредам и со кодошење ќе им правам јавен линч, како што неговите од партијата ѝ прават на судијката за која тој имал информации дека веќе ја потпишала одлуката да се укине линеарното зголемување на пензиите. Синким таа е газдарица на предметите во Уставниот суд. Другите судии се неважни. А осуммина се и гласаат тајно.
Ама, ко што би рекол еден мој колега на работа кога го зафаќа апатија: џабе ти е пишувањето Горан, така ти е со ВМРО-ДПМНЕ. Тие и враќање на името на државата ветуваа. И промена на преговарачката рамка со ЕУ ветуваа. А ти па кога ќе запнеш, сега за едни пензии си се фатил.
Ионака ветувањата се за краткорочна меморија.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК






