Платата на премиерот Мицкоски е 140.450 денари, министрите земаат по 115.540 денари
Владата на својата официјална веб-страница во делот „отчетност“ ги објави платите на функционерите од владиниот кабинет.
Платите на министрите во Владата
Бруто-платите на актуелните министри изнесуваат 176.830 денари, сума што е за 60.000 денари повисока од нето-платите. Според пресметката, за нето-платите на 23 министри и на премиерот секој месец плаќаме околу 2,8 милиони денари (46.000 евра), а за нивните бруто-плати по 4,3 милиони денари, односно по околу 70.000 евра. Тоа годишно изнесува 843.000 евра само за министрите, без замениците-министри и другите функционери во Владата. Не е познато колку вкупно нè чинат платите на сите 1.060 избрани и именувани функционери во државата, меѓу кои и на судиите, градоначалниците, пратениците итн, затоа што не се објавени транспарентно.
Минималната плата во Македонија изнесува 22.567 денари, а просечната плата во април изнесува 40.937, од што произлегува дека еден министер зема пет минимални плати, односно речиси три просечни плати!