Платена работа, заслужен одмор

Кон потребата да се има контрола врз сопственото тело, време и труд.

Во периодот околу 8 Март, на една утринска емисија каде требаше да се разговара за женската еманципација, како дел од воведот во темата се кажа една реченица која во најмала рака ме расони. „Значајноста на улогата на жената во општеството сè повеќе се зголемува“. Оваа, навидум, општа изјава, ја поврзува значајноста на жената во општеството со нејзиното делување во јавната сфера. Помислив на сите генерации жени врз чиј труд, напор и упорност денес можам да седам на емисија во телевизија и да зборувам за еманципација. Помислив на моите баби кои ме чуваа додека мајка ми беше на работа, и наместо да одмараат во пензија, готвеа и чистеа и ги проверуваа моите домашни задачи. Тогаш не сфаќав, но сега знам, колку е значајна нивната улога, ако ништо повеќе, тогаш за мојот живот и развој.

Неплатениот труд и мноштвото улоги со кои жената отсекогаш жонглирала и продолжува да жонглира, а се клучни за одржливоста на нашите општества, во споменатата изјава, како и во нашиот систем, остануваат невидливи. Делумно поттикната од оваа мала случка, утрото на Меѓународниот ден на жената споделив една едноставна порака. Пораката гласеше: Radite manje.

Повикот да се „работи помалку“ можеби се чини некомпатибилен со денот кога, меѓудругото, ја славиме и (борбата за) економската рамноправност на жената. А можеби, токму тоа е крикот на жените денес. Жените кои не само што работат, туку се преработени, а сепак не се финансиски независни. Тоа е крикот кој, според мене, најуспешно, ги става под ист чадор нашите различни (а сепак толку слични) искуства како жени: кои работат во најнископлатените сфери, кои балансираат помеѓу 2-3 работни места, жени кои се постојано во прекаријатна положба, жени на чиј грб е речиси целиот неплатен труд, жени кои трпат економско насилството, жени кои се помалку платени од своите машки колеги, жени кои тапкаат во место со години и во поглед на плата и позиција, жени кои трпат сексуално вознемирување на работното место, жени кои иако работат постојано, не успеаваат да си купат нешто за себе, жени чие работно место виси на конец во случај да забременат, жени кои иако работат постојано немаат ниту здравствено, ниту пензиско осигурување.

Несомнено е дека постои една специфична премореност, која се чита единствено на женските лица. Повикот да се работи помалку, во таа смисла, е субверзивен повик на бунт и единствен логичен чекор за женската борба за права и слободи денес. Паролата одморот е отпор, застапувањето за пократка работна недела и флексибилни работни места, советите за поставување граници и кажување не, па и статистиките кои ја потврдуваат т.н. ера на отказот, се логичен резултат на пост-пандемиската реалност, кога сфативме не само дека работата не го чини животот, туку и дека животот е кревок и краток. Овие наративи се, како што кажав, логични, но нивниот превод во реалните околности во кои живемее и работиме се чини не само романтичен, туку речиси невозможен. Па така, додека на Инстаграм го споделив повикот да се работи помалку, во реалниот живот прифатив уште неколку тезги на сметка на моето слободно време. Митовите за скромниот, но среќен живот и романтизирањето на сиромаштијата може да функционираат во светот на белетристиката. Но во овој, реалниот, нема ништо романтично во тоа да работиш, а притоа да не заработуваш доволно за достоен живот или пак трудот да ти останува системски непрепознаен, невидлив.

Секоја година, околу 8 март, во морето наративи за „успешни жени“, веќе неколку години кружи една понесекојдневна честитка од Ирена Цветковиќ, која вели дека 8 март е симбол и поттик за борбата на непривилегираните, за солидарноста со неуспешните.

„8 Март е за сиромашните жени. За оние жени кои ги чуваат децата на успешните, ги средуваат нивните домови, ги пеглаат нивните кошули за состаноци. Оние чиј труд е непрепознаен, оние кои го немаат статусот ниту на работнички, оние без здравствено и социјално, они кои подобро да не ја дочекаат својата пензија. Денес е ден на работничките. Оние кои се вработени и сиромашни. Оние кои шијат облека за извоз во државите на успешните. Оние кои ја одржуваат хигиената и сјајот на објектите на успешните. Оние кои го минуваат животниот век служејќи ги успешните. Не се овие жени од челик, не сме повеќето жени од челик. Се виткаме и кршиме затоа што притисокот е пресилен.“

Популарноста, условно кажано, на оваа честитка зборува за една реалност која нè обединува, а која често ни се измолкнува од јазикот, зашто сме растени со наративи дека напорната работа и упорноста ќе ни го донесат животот кој сме го сонувале, само за да сфатиме дека најчесто правилата на игра не се во наша полза, а приказните за „успешните жени“, без системска подлога и потпора, почесто отколку поретко звучат како бајки за добра ноќ. Ако порано сме верувале, под влијание на лоши Холивудски филмови за преработените кариеристки со одлични чевли, дека тајната на среќниот живот и успехот е да работиме работа која нè исполнува, денес, во време на рецесија и инфлација, ни станува јасно дека работата баш и не мора да исполнува ништо повеќе од нашите џебови и дека не е срамота тоа да се мисли или да се каже. Но тешко е да се каже, кога системските недостатоци ги доживуваме како лични неуспеси. Да се биде сиромашен/на е срамота, а молкот кој го креаира тој срам, ја декапацитира нашата моќ да бараме повеќе.

Според тематскиот извештај „Економското насилство како форма на родово базирано и семејно насилство. Дали е доволно препознаено?“, спроведен од Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, на женската сиромаштија влијае разликата во стапката на невработеност меѓу мажите и жените, според која речиси половина (46%) од жените на работоспособна возраст се надвор од работната сила, во споредба со 23.3% од мажите. А дури 40% од жените се надвор од работната сила поради одговорностите поврзани со грижата за децата и возрасните или други семејни одговорности, во споредба со само 3.4% од мажите. Ако на овие бројки се додаде и состојбата со имотно-правните односи, односно фактот дека само околу 12% од имотот во нашата земја се наследува од страна на жени, станува јасно дека денес, женскиот труд премногу често не води кон финансиска независност, слобода и омоќување. Баш напротив. Во руралните средини состојбата е уште посериозна, каде само 5% од жените имаат било каков имот на свое име, а работат дури и по 11 часа на ден.[1]

Влезот на жените на пазарот на трудот значи и негово менување. Но и покрај сите синдикални здружувања, борби за еднаква плата и борби против вознемирување на работното место и бројните победи во тие полиња, темпото и структурата на денешниот модел сè уште се базираат врз моделот на вработен/а и партнер/ка кој се грижи за сите „животни детали“[2]. Работните саати наместо да се намалуваат, се зголемуваат и најчесто е невозможно сите животни детали да се регулираат после работното време, или за време на викенд. Чистење, перење, пеглање, миење, пазарење, готвење и целокупна грижа за домот и лицата на кои им е потребна грижа се повидливите елементи кои ги поврзуваме со неплатениот труд. Не знам дали воопшто да навлезам во тоа колку притисок, кој специфично ги тангира жените, дојде и со трендовите поврзани со социјалните медиуми. Идејата за успешност денес подразбира блескава кариера, чист и шик дом, бјути рутина која вклучува најмалку 100 чекори наутро и навечер, време за водење дневник, здрави оброци, редовно вежбање, и така натака, и така натака, и така натака. Секако, тука постои и менталниот труд (товар) поврзан со самото организирање на едно просечно домаќинство, каде повторно најчесто жената, има улога на „микро-менаџер“, постојано преоптоварена со задачата да памети, да планира и да знае што треба да се направи за домаќинството да функционира нормално.[3]

Во Македонија во просек жените проаѓаат дури 2.5 часа дневно повеќе во извршување на домашните задачи од мажите – во нормални услови. Товарот на домот резултира во тоа премногу жени, особено оние кои немаат никаква поддршка, да немаат можност да бидат дел од формалниот пазар на трудот – како што е структуриран денес. Во својот текст „Колку вреди неплатениот труд на жените“ Тања Стоименовска пишува:

„Ова не само што ја отсликува родовата нееднаквост, но говори и нешто друго – половина од жените немаат сопствен приход и никаква финансиска независност, иако работат дома. Финансиската зависност пак ги прави поранливи, несамостојни во донесувањето одлуки и секако, повеќе изложени на семејно насилство“[4].

За време на маршот за женски права, кој оваа година го носеше името „Ќе преживеат ли жените овде?“, додека првите редови скандираа „женската борба е класна борба“, оние позади продолжуваа со „женската борба е гласна борба“. Секако, женската борба е гласна, но зарем толку ни е отуѓена идејата дека женската борба е во суштина и класна борба? Недостатокот на дискурс за проблеми кои се секојдневни, чести и меѓусебно слични, не само за многу жени овде, туку за многу жени ширум светот е веројатно и една од причините зошто тие проблеми опстојуваат низ различни политички и економски системи. Митот дека „за пари не се зборува“ всушност излегува како моќна алатка за угнетување, токму на оние кои во очите на овој систем се најслаби, најранливи и чиј труд е најмалку видлив и ценет.

Кампањата за „фустани со џебови“, која исто така овој месец се појави на социјалните медиуми, со цел да поттикне дискусија поврзана со достапноста и безбедноста на финасискиот простор на жените кај нас, дополнително ме наведе да размислувам за женските простори, симболични и фактички, кои се неоходни, не за преживување, туку за живеење. Во видеото, трите решителни девојки, опремени со ножици во рацете, преку еден ослободувачки танц успеваат да го создадат (исечат) просторот кој им недостасува во нивните фустани за финално да земат здив. Ослободувањето е поврзано со рекреирање, ремоделирање, редефинирање на начинот на кој тие се носат во светот.

Финансиска слобода и независност не значи само пристап до работно место, туку значи и можност да се располага со слободно време, да се уживаат плодовите на сопствениот труд, да се има контрола врз сопствените ресурси и значи целосно реобмислување на работата поврзана со грижата, која е најчесто невидлива, неплатена или нископлатена, а е работа која е клучна за нашето опстојување како луѓе и заедници.

Апелот да се работи помалку, во суштина доаѓа од потребата и нужноста да се има контрола врз сопственото тело, време и труд. Апелот да се работи помалку значи да се градат услови кои, за почеток, ќе им го олеснат патот на жените, особено оние кои се најранливи, до платена работа, но и ќе создадат услови за достоинствен живот и време за одмор. Да се феминизира пазарот на трудот, наместо да се очекува од жените да го перпетуираат традиционалниот мачо-модел на успех. Финално, женскиот апел да се работи помалку е и апел до мажите да работат повеќе во доменот на домот. Жените ќе бидат независни и слободни кога, за почеток, стиховите 8 часа работа, 8 часа одмор, 8 часа за било што ќе важат и за нив, исто како и за нивните колеги, партнери, браќа и пријатели. Жените во минатото се избориле за правото на работа. Наше е да се бориме нашата работа да се вреднува соодветно. Исто како и нашето време за одмор и за било што друго.

Kaлиа Димитрова
извор: Медуза

 

[1] https://pina.mk/5868-golem-broj-zheni-se-ushte-ekonomski-zavisni-od-drugi/

[2]https://news.cornell.edu/stories/1998/12/friedans-new-agenda-fairness-men-too

[3] https://meduza.mk/fem-101/dali-ste-slushnale-za-mentalen-tovar/

[4] https://meduza.mk/fem-101/kolku-vredi-neplateniot-trud-na-zhenite/

Back to top button
Close