Платформа на ослободени заложници: Вратете ги телата на убиените кои останаа во Газа

Неодамна ослободените израелски заложници синоќа во Тел Авив упатија емотивни повици за враќање на телата на убиените заложници кои сè уште се наоѓаат во Појасот Газа, пренесе ДПА.

– Време е да ги спасиме сите што останаа во Газа, изјави Ром Браславски – еден од 20-те заложници кои се вратија во Израел на 13 октомври како дел од договорот за прекин на огнот со палестинската групација Хамас. – Дури и да потрае 20 или 30 години, ќе продолжиме да се бориме за сите, додаде тој.

Илјадници луѓе повторно се собраа синоќа на Плоштадот на заложниците во Тел Авив. Според податоците на Форумот на семејствата на заложниците и исчезнатите лица, петмина од преживеаните заложници присуствувале на настанот.

Еден од нив, Нимрод Коен, изјави дека е убеден оти Хамас“ знае точно каде се наоѓаат посмртните останки на другите заложници. – Секој изминат ден е уште еден ден во кој некој од нив може засекогаш да исчезне, оцени Коен, пренесува „Тајмс оф Израел“.

Коен раскажа дека додека бил држен „во пеколот“ на тунелите во Газа, неговите киднапери постојано му повторувале дека „Израелците се откажале од нас, дека никој не излегува да протестира и да се бори за нас“. Но, кога се вратил дома, сфатил дека „сето тоа биле лаги“.

Договорот за прекин на огнот, постигнат во октомври, го обврзува Хамас да ги предаде на Израел посмртните останки на 28 убиени заложници. Пет од телата сè уште се наоѓаат во Појасот Газа.

Израел се обврза да ги предава на локалните власти посмртните останки на 15 починати жители на Газа за секое тело вратено од Хамас.

Back to top button
Close