Платформа за борба против корупцијата: Остро ја осудуваме партизацијата при изборот на нови членови на ДКСК

Од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата велат оти ценат дека „партиските влијанија врз изборот на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата негативно ќе влијаат врз објективноста и непристрасноста на Комисијата во спроведување на сериозните законски надлежности коишто ги има, како еден од главните чинители во борбата против корупцијата во земјата“

По објавувањето на ранг-листата на кандидати за новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), денеска од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата преку писмено соопштение остро ги осудуваат, како што велат, партизацијата и изигрувањето на процесот на избор на нови членови на Антикорупциска.

Воедно, од Платформата велат дека целосно ја поддржуваат Снежана Камиловска-Трповска, која како член на Комисијата за селекција за избор на претседател и членови ДКСК од редовите на невладиниот сектор изрази издвоено мислење поради, како што наведе таа во вчерашниот писмен допис до медиумите, необјективно и оркестрирано гласање на останатите членови на Комисијата.

„Како претставник на граѓански сектор од областа на демократијата и владеењето на правото, Снежана Камиловска-Трповска покажа целосно различна перцепција за избраните кандидати, со што јасно се манифестира и ставот на граѓанските организации за идниот состав“се вели во соопштението на Платформата за граѓански организации за борба против корупцијата.

Во него тие го повторуваат образложението што вчера го изнесе Камиловска-Трповска во кое таа вели дека изненадува како другите претставници на Комисијата за селекција „изнајдоа компромис токму и само за овие кандидати и покрај слабите интервјуа, одбивањето да одговорат на директни прашања за општествени состојби, како процесот на заробеност на државата, високопрофилни случаи кои се веќе предмет на работа на сегашната ДКСК, а се дел и од констатирани состојби од Извештајот на Европската Комисија за 2023 година, прашања поврзани со политичка и правосудна поврзаност, тргување со влијание, лобирање и сл.“

„Дополнително, кандидати кои манифестираа одлични познавања од областа, спремност за директен и недвосмислен одговор и со одлични компетенции не беа добро оценети од страна на другите членови, со што им се оневозможи да се борат за позиција претседател и член на ДКСК“беа наводите на членката на Комисијата за селекција, кои ги пренесува и Платформата во денешното соопштение.

Оттаму ценат дека партиските влијанија врз изборот на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата негативно ќе влијаат врз објективноста и непристрасноста на Комисијата во спроведување на сериозните законски надлежности што ги има, како еден од главните чинители во борбата против корупцијата во земјата.

Платформата за антикорупција, како што е наведено во нејзиниот историјат, е основана на 9 декември 2014 година во Скопје. Нејзините цели се проактивно, динамично и оспособено граѓанско општество кое ќе игра значајна улога во борбата против корупцијата. Платформата, според нејзината мисија, ќе тежнее да биде коректив на состојбите, а ќе соработува и комуницира со сите засегнати страни вклучувајќи ги државните институции, политичките партии, бизнис-заедницата и меѓународната заедница. Ќе ги следи и анализира правната рамка и актуелните јавни политики и активности за сузбивање на корупцијата, ќе иницира јавна дебата за квалитетот на законите и ќе иницира законски измени каде што е потребно. Меѓу граѓанските организации членки на Платформата се: Институт за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје, Коалицијата „Сите за правично судење“, „Метаморфозис“, „Транспаренси интернешнл“ – Македонија, Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија, Центарот за граѓански комуникации, „Евротинк“ – Центар за европски стратегии, Хелсиншкиот комитет за човекови права…

Инаку, според ранг-листата на Комисијата за селекција, новиот состав на Антикорупциска треба да го сочинуваат ревизорката Татјана Димитровска, која е прворангирана, судијката Софија Спасова-Медарска, советничката за следење на корупцијата во јавните набавки на ДКСК, Билјана Каракашова-Шулев, советникот за спречување судир на интереси во ДКСК, Бесник Џемаиљи, колегите ревизори на Димитровска, Зоран Богоевски и Цвета Ристовска, а меѓу предложените за идниот состав на ДКСК влегува и Сервет Демири од ревизијата за пристапна помош за Европската Унија.

Собраниската комисија за прашања на изборите и именувањата утре (1 декември) треба да утврди седум кандидати за идни членови на Државната комисија за спречување на корупцијата, кои потоа ќе му ги предложи на Собранието на изјаснување на пленарна седница.

 

 

Андоновски вчера негираше дека имал клучна улога во истиснувањето на независните кандидати за членови на ДКСК. Вели дека имало обиди за политичко и влијание од невладиниот сектор во однос на неговото гласање, на кое, како што посочува, ниту сега ниту кога било би подлегнал.

„Еден од главните услови при моето оценување на кандидатите беше нивното искуство и придонес во областа, како и да не се партиски експоненти“напиша заменик-народниот правобранител во објавата на Фејсбук.

Back to top button
Close