Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата упати барања до институциите за прекинување на неказнивоста и селективната правда

Првото од 11. барања на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата е целосна, непристрасна и транспарентна истрага за пожарот во Кочани, без политички влијанија, како и редовни јавни брифинзи од Обвинителството за планот и текот на истрагата, без нејзино попречување.

Бараат и реформи во казнената политика – строги, предвидливи и правично применети казни за корупција, како и одговорност од институциите и компаниите кои не ги исполнувале обврските. Велат оти е потребно да се утврди зошто контролите и надзорот не се спроведувале со години, дали тоа било резултат на нестручност или свесен пропуст и дополнително, бараат да се обезбедат информации за тековните постапки и резултатите од нив.

„Покрај потребата да се истражи одговорност на инспекторите за констатираното раширено неследење на правила од страна на компаниите, потребно е и нивно доекипирање како би се проширил годишниот опфат н контролирани субјекти. Инспекторатите треба да бидат финансиски и политички независни, а кадровски максимално зајакнати“,

наведуваат од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.
Во однос на проверките при вонредните надзори, од невладината организација посочуваат дека само административната проверка не е доволна, а оти инспекциите треба да опфатат теренска и темелна проверка за да се утврди кои објекти и компании ги исполнуваат законските стандарди. Од аспект на проверките, повикуваат на проверка и на анкетните листови на инспекторите и службениците кои одлучуваат за доделување на лиценци и дозволи, со цел, како што велат, да се откријат евентуални конфликти на интереси или коруптивни врски.

„Понатаму, ревизија на постапките за добивање дозволи и лиценци. Потребно е усогласување на сите прописи за безбедност, јасни критериуми за заштита од пожари, и обврска за теренски увид од ДЗС пред издавање дозволи. Елаборатите за заштита мора да станат задолжителен услов и при издавање на угостителски лиценци“,

додаваат од невладината организација.
Посочуваат оти најавените законски измени не смеат да се користат како оправдување за сите претходни незаконски постапувања и дека за досегашните направени пропусти мора да има одговорност дури и ако во меѓувреме се смени законската рамка. Во насока на одговорноста, посочуваат дека е потребно воспоставување вертикална одговорност во институциите и дека секој што дозволил функционирање на небезбедни објекти од најниско до највисоко ниво мора да сноси одговорност – дисциплинска, прекршочна, кривична или политичка.

Од Платформата бараат и итно постапување по наодите на Државната комисија за спречување на корупцијата и Државниот завод за ревизија, апелирајќи дека овие тела не смеат повеќе да се игнорираат. Последно од барањата е да престанат притисоците врз граѓанските организации и независните медиуми бидејќи, како што посочуваат, тие честопати први алармираат за проблеми во системот.

Освен барањата кои ги упатија до надлежните институции, за кои велат дека се основни чекори кон создавање на безбедна држава, од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата прашуваат дали проверките во повеќе дејности кои се направија деновиве се спроведени длабински и темелно. Го проблематизираат и потегот со кој на угостителите кои досега не ги почитувале правилата им се дава време да се поправат наместо да бидат соодветно санкционирани.

Back to top button
Close