Платите на ректорите на универзитетите во земјава се од 3 до 4 илјади евра месечно

 

Овие податоци ги објави Форумот за образовни промени во истражувањето со наслов „Платите и додатоците во јавните универзитети во Северна Македонија“. Истражувањето покажува како се уредуваат платите на наставниот и ненаставниот кадар во јавните универзитети со средства од државниот буџет, како и врз функсионалните додатоци што ги добиваат ректорите и деканите. Само во последните четири години, Владата има издвоено 18,5 милијарди денари од јавни средстсва за финансирање на јавните и јавно-приватните универзитети.

Или нето-плати на ректорите на јавните универзитети во земјава, без додаток за минат труд се следни:

· Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје добива вкупно 203 775 денари нето, од кои 100 000 денари се функционален додаток, а остатокот е плата за редовен професор.

 

·Ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола добива 244 834 денари нето, од кои 141 059 денари се функционален додаток, без пресметани придонеси.

 

·Ректорот на Универзитетот во Тетово добива 194 984 денари нето, од кои 91 209 денари се функционален додаток, од кој е одземен само персоналниот данок.

·Ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“ – Скопје добива 155 982 денари нето, од кои 52 200 денари се додаток за функцијата „ректор“.

·Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип добива 136 758 денари нето, од кои 32 983 денари се функционален додаток.

·Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) претставува исклучок, бидејќи платата на ректорот е фиксна: 211 252 денари нето, без дополнителни функционални додатоци.

Платите на наставниот и ненаставниот кадар во јавните високообразовни установи постојано растат, а бројот на професори и соработници во нив изнесува 4 656.

Истражувачот за наставниот кадар пресметал само основна нето плата, без додатоците за стаж што изнесуваат 0,5 отсто за секоја завршена година, а најмногу до 20 отсто, како и надоместоци за учество во комисии, менторства и слично. Од друга страна, за пресметка на месечните нето приходи на ректорите, истражувачот ги вклучил и функционалните додатоци, кои се исплаќаат од сопствените средства на универзитетот.

Истражувањето е спроведено целосно врз основа на анализа на закони, прописи, колективни договори и други потребни документи. Поради ниското ниво на транспарентност, повеќето од потребните документи не се објавени на веб-страниците на универзитетите. Воедно, Форумот за образовни промени ги повика универзитетите да ги објавуваат на своите веб-страници сите правилници и одлуки за исплата на плати, надоместоци и додатоци за сите вработени.

Back to top button
Close