Пленковиќ: ЈАНАФ може да ги снабдува Унгарија и Словачка

Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, денеска на Форумот Големиот континент во Аосте, Италија, истакна дека Европа увезува 95 отсто нафта, 90 проценти гас и две-третини јаглен од трети земји и оти таквата зависност од други држави влијае врз европскиот суверенитет и отпорност.
Советот на Европа денеска објави дека е постигнат договор со Европскиот парламент за постепено укинување на увозот на руски гас до 2027 година, како дел од стратегијата за прекин на енергетската зависност од Русија. Според договорот, увозот на течен природен гас (ЛНГ) и гас преку цевководи од Русија постепено ќе биде забранет, со целосна забрана за ЛНГ од крајот на 2026 година и цевководи до есен 2027 година. Овој привремен договор за да стане формално правно обврзувачки треба да биде одобрен од Советот и Парламентот.
Пленковиќ истакна дека одлуката е „добра за сите“. Унгарија и Словачка, кои досега беа изземени од европските санкции кон Русија, најавија дека ќе се обидат правно да ја оспорат новата одлука на ЕУ, тврдејќи оти не можат да ги задоволат своите потреби без Русија.
– Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ) во целост може да ги задоволи енергетските потреби на Словачка и Унгарија и нема потреба да бараат изземање од европските и американските санкции кон Русија, посочи Пленковиќ.
Тој додаде дека преку ЈАНАФ можат да се транспортираат повеќе од 15 милиони тони нафта кон Унгарија и Словачка, што е доволно нивните рафинерии да работат со „максимален капацитет“.






