Пленковиќ: Бројот на Хрватите во Хрватска се намалува секоја година


Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска ги повика младите Хрвати од дијаспората да се вратат во татковината и да придонесат за нејзината демографска обнова, предупредувајќи на континуираното намалување на бројот на населението.

– Хрватите во Хрватска секоја година ги има сè помалку – изјави Пленковиќ за време на приемот на учесниците во програмата на Летната школа „Татковина“ во Бански двори во Загреб.

– Би ни било драго доколку дел од вас одлучат да се вратат во Хрватска и со своето знаење и енергија да придонесат за демографската обнова – додаде тој.

Пленковиќ истакна дека Хрватска годишно вложува околу 820 милиони евра во демографската ревитализација, оценувајќи дека тоа е едно од клучните национални прашања.

Програмата, која ги собира младите од хрватското иселеништво, им овозможува подобро да се запознаат со културното и историското наследство на земјата, а Пленковиќ изрази надеж дека токму тоа ќе ги мотивира да се вратат во татковината.

Тој ја нагласи и важноста од зачувување на националниот идентитет меѓу Хрватите во странство, заблагодарувајќи им се на учесниците и на нивните предци за одржувањето на врските со Хрватска.

Back to top button
Close