Пленковиќ на прославата на ЕПП во Брисел: Македонија заслужува јасна перспектива во ЕУ
Европската народна партија (ЕПП) е водечка политичка сила во Европа, изјави хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ по повод 50-годишнината од партијата на која ѝ припаѓа и неговата Хрватската демократска заедница. Хрватскиот премиер, кој пристигна во Брисел за самитот на ЕУ што се одржа во четврток, учествувал и на прославата на 50-годишнината од ЕПП.

„Во изминатите 50 години, ЕПП е водечка политичка сила во Европа, која отсекогаш силно стоела покрај граѓаните. Соочени со бројни предизвици, ја градиме иднината на ЕУ врз фундаменталните принципи на нашата политика – солидарност, просперитет, безбедност и почитувана Европа на глобално ниво“, се вели во објавата на Пленковиќ на „X“.
Тој додава дека ХДЗ, како членка на ЕПП, има важна и активна улога. „Ќе продолжиме да придонесуваме кон заедничките европски политики, заштитувајќи ги интересите на хрватските граѓани и дополнително зајакнувајќи ја нашата позиција во срцето на Европа“, истакнал Пленковиќ.
Во средата во Брисел, тој се сретнал и со премиерот Христијан Мицкоски, при што на „X“ објави дека Хрватска ќе продолжи да ја поддржува Македонија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ.
„Разменивме мислења за геополитичките предизвици, безбедноста на снабдувањето со енергија во Југоисточна Европа, како и за мерките што ги преземаат двете влади за борба против порастот на цените на енергијата. Хрватска ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ и веруваме дека заслужува јасна перспектива“, објави Пленковиќ на „X“






