Плевелот се чисти од корен
Деновиве одекна во јавноста официјален став на партијата ВМРО-ДПМНЕ дека криминалот не смее да се толерира, наведувајќи повеќе личности кои претежно припаѓаат на власта предводена од СДСМ, која си замина после последните парламентарни избори.

Потег кој заслужува сериозна поддршка само доколку се работи за вистински криминал, а не за политичка одмазда.
Крајно време е во Македонија да завладее законот. Сите граѓани подеднакво треба да бидат одговорни за сторените кривични или криминални дела, независно од нивната верска, етничка или партиска припадност.
Жално е, што во наведените имиња од страна на ВМРО-ДПМНЕ не беа спомнати и членови од нивната партија кои денес се бегалци, токму поради криминалните дела кои ги оставија зад себе бегајќи од правдата.
Како граѓанин вљубеник во својата татковина и своите сограѓани, ја барам правдата со години наназад. За жал сѐ уште е недостапна.
Актуелната влада на Република Македонија доколку има вистински интерес и желба да се справи со ова зло, криминалот и корупцијата, ќе мора да отпочне вистинска и темелна борба за сузбивање на ова зло.
Секој поединец кој има кривични или криминални досиеја зад себе , мора да се соочи со правдата, независно дали е во земјата или надвор од неа. За жал, во Македонија стана тренд, сторители на врвни криминални дела да си избегаат од државата. На таквата пракса ние граѓаните гледаме како на нешто нормално.
Болно е сознанието дека ненормалното станува нормално.
Вистинска Влада треба да отвори вистински фронт да ги најде и киднапира така наречените „побегуљи” за да ги врати пред очите на правдата. Го употребив зборот „киднапира” подучен од државата Израел која ги гонеше низ целиот свет нацистите коишто направија злостор врз еврејската популација, за да ги донесе во Израел пред лицето на правдата. Типичен пример за вакво киднапирање е случајот со нацистот Ајхман.
Почитувани читатели, основно прашање е дали сѐ уште имаме сила да отпочнеме борба против ова општествено зло, бидејќи владее сеопшт впечаток дека криминалот и корупцијата се многу длабоко навлезени во сите општествени пори на државата.
Дали постои излез? Да, излез постои доколку имаме сериозна Влада, со сериозни намери да ги заштити своите граѓани и својата држава и сериозно, без празни ветувања да покаже дека правдата се враќа во Македонија.
Мојата борба што ја водам за стечајот на Еуростандард банка во јавноста е почитувана и поддржувана од моите сограѓани, но за жал институциите молчат.
Имам впечаток дека создаваме утопија од општество со невозможни мисии.
Мојата мисија е во борбата против криминалот. Продолжувам, без оглед што некој токму во таа моја упорност гледа утопија. Со таа моја истрајност сакам да го разбудам мојот сограѓанин. Кога сме летаргични и апатични граѓани тогаш стануваме проклето заспани пред секоја лична или колективна неправда. Тогаш плевелот ќе се прошири и ќе го уништи најубавото, нашите млади фиданки.
Порака до Владата на Република Македонија е криминалот и корупцијата се чистат безмилосно од корен, исто како што плевелот се корне за да не никне повторно. Тоа не е утопија. Тоа е добра волја, компетентност и чист образ!
Трифун Костовски






