Плеврис: Логиката на земјите од ЕУ е во март да се укинат рестриктивните мерки

Логиката на земјите-членки на Европската Унија е до средината или крајот на март да се укинат рестриктивните мерки, изјави  утрово министерот за здравство на Грција Танос Плеврис во интервјуто за грчката телевизија „Скај“, јави дописничката на МИА од Атина.

– Бидејќи минатата седмица одржавме состанок сите министри за здравство на Европската Унија, логиката на сите земји е дека до средината или до крајот на март ќе треба да се укинат рестриктивните мерки, секогаш во комбинација со притисокот што секоја од земјите го има врз здравствениот систем, но не треба да има опуштање, бидејќи сите експерти во Европа потенцираат дека треба да бидеме доста подготвени, особено од есен па натаму, бидејќи не знаеме што може да се случи со пандемијата, не постои крај на пандемијата, истакна Плеврис и изрази надеж дека сепак нема да има дополнителна ескалација на пандемијата.

За ситуацијата во Грција и одлуката да се олабават мерките, иако секојдневно во земјата има по 20 илјади нови случаи на Ковид-19, министерот за здравство објасни дека новозаразените се со сојот Омикрон и предизвикуваат многу помал притисок врз здравствениот систем во споредба со варијантата Делта, кога дневно имаше три до четири пати помалку нови случаи.

Во однос на четврта доза и дали ќе биде потребна, Плеврис рече дека Владата функционира согласно одлуките на Европската агенција за лекови и додаде дека можеби ќе биде потребно вакцината против Ковид-19 да биде годишна како вакцината за грип, истакнувајќи дека сепак оваа дискусија сè уште е во рана фаза во Европа.

Back to top button
Close