Пливачите бараат отворање на базените, велат дека ситуацијата влијае врз психичкото здравје – подготвија и протокол за работа

Националната пливачка федерација на Македонија упати нов апел до надлежните државни и здравствени власти за да ги отворат базените, после укинувањето на рестрикциите од пред неколку дена и укинувањето на полицискиот час воведен поради пандемијата со коронавирус, со образложение дека – психички ќе попуштат пливачите.

Федерацијата во своето ново обраќање посочува дека долготрајното отсуство на секојдневни навики и отсуство од природната средина психички влијаат кај сите, па затоа и подготвија протокол како да се отворат базените и на пливачите да им се дозволи повторно да пливаат.

Целото соопштение ви го пренесуваме во целост.

Со укинување на рестриктивните мерки кои произлегоа поради ситуацијата со коронавирусот и враќањето на животот во нова нормала,сакаме да Ве запознаеме со потребата од пуштање на базените во употреба и почнување на тренажниот процес на нашите пливачи.

Веруваме,знаете дека спортистите се луѓе од навика, на кои секој ден им е претходно испланиран со одредени временски сатници во кои самиот спортист вложува огромен психофизички напор. Сите наши пливачи ги почитуваа мерките пропишани од Ваша страна за спречување на ширењето на вирусот Ковид 19 и како примерни граѓани вежбаа во домашни услови,но тоа вежбање не може да го замени тренингот во вода. Во светот веќе има неколку студии кои покажуваат дека пливањето и спортовите во вода се едни од најбезбедните.

Една многу важна работа поради која бараме отварање на базените е влијанието на медиумите,достапот на информации во врска со вирусот Ковид 19 до пливачите и начинот на кој тие го прифаќаат сето тоа. Долготрајното отсуство од нивните секојдневни навики и отсуството од нивната “природна средина” може да влијае на психичкото здравје на пливачите. Отсуството на обврски и однапред познат распоред,секојдневните информации во врска со коронавирусот доведуваат до анксиозност,страв и паника кај пливачите.

Неколку релевантни спортски психолози на Балканот и во Македонија излегоа со свои студии за влијанието на мерките предложени од соодветните Влади врз менталното здравје на спортистите,исто така има и голем број на студии кои го објаснуваат влијанието на рестриктивните мерки.

Таква студија е неодамна објавената во медицинското списание „The Lancet Psychiatry“ каде што наведуваат дека психолошките и социјалните ефекти на Ковид-19 се огромни и можат да влијаат на менталното здравје сега и во иднина.

Воедно апелираме да се земе во предвид и влијанието на спортот за зголемување на имунитетот на децата.

Исто така Националната пливача федерациија веќе изготви план и протоколи за изведување на тренинзи и веќе се изготвени списоци на пливачи кои се поделени во групи. Групите ќе велгуваат на базените според однапред договорен временски термин и ќе почитуваат насоки на движење. Порадии сето горенаведено Ве замолуваме и бараме во најбрзо време да ги отворите базните“, се вели во апелот на Националната пливачка федерација.

Таа подготви протокол, како во екот со коронавирус, да се работи во базените.

Back to top button
Close