По 16 години власт на Орбан, голем пресврт во Унгарија: Одобрена Парадата на гордоста во Будимпешта

Унгарската полиција одобри одржување на Парадата на гордоста во Будимпешта следниот месец, што претставува голем пресврт во однос на минатата година, кога властите, по налог на тогашната десничарска влада на Виктор Орбан, се обидоа да го забранат настанот.
Политичката промена следува откако во април беше сменета националистичката влада на Орбан, која владееше 16 години, пишува „Гардијан“
Минатогодишната Парада на гордоста привлече големо меѓународно внимание откако партијата Фидес на Орбан усвои закон, прв од ваков вид во поновата историја на Европската Унија, со кој беше создадена правна основа за забрана на настанот под образложение за „заштита на децата“.
Организаторите на Будимпештанскиот Прајд оваа недела ја известиле полицијата дека на 27 јуни планираат да ја одржат 31-та Парада на гордоста. Тие изразиле уверување дека настанот ќе се одржи, особено по пресудата на највисокиот суд на ЕУ дека анти-ЛГБТ законот на Орбан од 2021 година е дискриминаторски и спротивен на европските правила.
Полицијата потврди дека дала зелено светло за одржување на парадата и соопшти дека не постојат причини за нејзина забрана. Воедно биле одобрени и три контрапротести, но со ограничувања и на оддалеченост од главниот настан.
И покрај забраната, минатогодишната Парада на гордоста, според организаторите, собрала рекордни 200.000 луѓе и станала симбол на отпорот против политиките на Орбан.
Важна улога во организацијата минатата година имал и градоначалникот на Будимпешта Гергели Карачоњ, кој го преименувал настанот во општински културен фестивал за да ја заобиколи забраната.






