По 25 години работа меѓу четири ѕида, за Александар пчеларството е позитивна промена: „Добриот збор за квалитетниот мед надалеку се слуша“

Александар Карафиловски од Скопје со пчеларство и производство на мед успешно се занимава од 2009 година. Претходно цели 25 години работел како бербер и вели дека работата со пчелите и престојувањето во природа е позитивна промена во неговиот живот по долгите години работа меѓу четири ѕида.

Има околу 100 пчелни кошници и функционира по принципот на пренесување на кошниците во периодот на паша.

Освен мед, произведува и полен, перга, прополис, матичен млеч, а засега е задоволен од количеството мед што го вади и вели дека неговото производство се движи во просекот за Македонија.

Посетува саеми за мед со цел да ги промовира своите пчелни производи, и вели дека добриот збор за квалитетниот мед надалеку се слуша. Сепак вели дека голем проблем пред сè е нелојалната конкуренција.

„Индивидуално го пласираме медот и секојдневно се бориме со лојалната, иако најголема пречка е нелојалната конкуренција, која пласира фалсификуван мед по пониски цени“, вели Александар.

Топлинскиот стрес, промената на климата и глобалното затоплување, вели Александар, во голема мера влијаат на приносите на мед.

„Како што се менуваат временските прилики и климата, така се менува и пчеларството. Годинава не беше најлоша, но не можеме да речеме дека беше совршена.
Наглите промени на температурата многу влијаат на медот. Најголемо негативно влијание има глобалното затоплување.“, вели Карафилоски.

извор: Бриф

Back to top button
Close