По 30 години целосно обновена Итната медицинска помош во Здравствен дом Македонски Брод

Здравствениот дом во Македонски Брод во изминатите две години реализираше бројни инвестиции за унапредување на условите за работа и третман на пациентите. После триесетина години е извршена комплетна реконструкција на просториите на Итната медицинска помош, поставени се нови внатрешни ѕидови, врати, извршено е молерисување и поставена нова медицинска и немедицинска опрема. Комплетно е реновиран и влезот на оваа установа со ново осветлување на првиот кат во Здравствениот дом.

Како што соопшти Министерството за здравство, иинвестиција е во вредност од 10 илјади евра, а средствата се обезбедени од оваа јавна здравствена установа.

Согласно планот за јавни набавки, до крајот на годинава се планира и реновирање на биохемиската лабораторија и санитарните јазли, во вкупна вредност од 15 илјади евра. Обезбедени се и средства за комплетно реновирање на амбулантите во општина Пласница.

– Исто така, реализирани се активности за зајакнување на кадарот. За две и пол години се реализирани 20 нови вработувања, од кои дел на неопределено работно време, а дел со договор на дело, меѓу кои се: доктори по општа медицина, доктор по стоматологија, поголем број медицински сестри ангажирани во патронажната служба, како и рендген техничар, биохемиски аналитичар, информатичар, хигиеничар и возач за потребите на Итната медицинска помош, соопшти Министерството.

Во текот на минатата и оваа година од Здравствениот дом Македонски Брод првпат по 20 години се испратени пет доктори на специјализација од областа на интерна медицина, гинекологија, радиологија, офталмологија, детска и превентивна стоматологија. Во текот на оваа година се планира на специјализација да заминат уште тројца доктори од областа на педијатрија, биохемија и ургентна медицина.

Back to top button
Close