По 35 милиони евра за километар автопат?! Славески: Сумата за Бехтел и Енка ќе биде поголема од 1,3 милијарди евра
Ќе платат ли граѓаните речиси 4 милијарди евра за автопатите кои ги гради Конзорциумот Бехтел и Енка и дали наместо по 12, километар автопат ќе не чини по 35 милиони евра?! Дали ќе ги плаќаме со парите од Британскиот кредит од 6 милијарди евра?! Информациите ги кажа новиот Гувернер на Народната Банка Трајко Славески во емисијата Бизнис 21.
„1,3 милијарди евра е само номинална сума сигурно ќе биде три пати повисока според моите проценки.
Три пати повисока од 1,3 милијарди евра. Да,да,да.. Тоа се над 5 милијарди евра.. Па мислам дека од она што е мое познавање на реализација на проекти и така натаму, до крајната реализација на проектот цената ќе порасне два-три пати. Верувајте ми во тоа.“, рече Славески.
Од министерството за транспорт го демантираат Гувернерот.
„Автопатите ќе чинат 1,3 милијарди евра колку што е предвидено со договорот“, велат од министерството.
Славески кажа и дека според негови информации, парите кои ќе стигнат годинава од Британскиот кредит ќе завршат за исплата на фактурите на Козорциумот Бехтел и Енка.
За Бехтел и Енка ќе бидат насочени средствата од Британскиот кредит?
-Па од каде ќе ги плаќаме.
Тоа не беше споменато во ниту една информација до сега.
Па од каде ќе ги финансираме нивните фактури?
Од буџет…
А, буџетот од каде ќе го финансираме, не.
Но, од Министерството за финансии го демантираа Гувернерот. Велат реализацијата на овој проект е планирано да се финансира од Буџетот. За годинава се проектирани 130 милиони евра.
„Стратешкото партнерство со Обединетото Кралство не предвидува буџетска поддршка, туку станува збор за проектно финансирање.“, велат од министерството за финансии.
Конзорциумот Бехтел и Енка ги гради автопатите од Коридорите 8 и 10д. За 1,3 милијарди евра колку што е договорот, треба да изгради вкупно 110 километри автопат. Коридорот 8 е со должина од 68 километри со автопат со 6 ленти, кој ќе ги поврзува Тетово со Гостивар, Кичево, Струга до Ќафасан. Коридорот 10-д е 40 километри автопат со 6 ленти и ќе го поврзе Прилеп со Битола. (tv21)