По Алијанса за Албанците и БЕСА, со свој предлог за уставни измени и Алтернатива

По предлогот на Алијанса за Албанците и БЕСА од Уставот да се тргне формулацијата „друг јазик кој го зборуваат 20 проценти од населението“ и Алтернатива вчера излезе со свој предлог за уставни измени, со кој кривичните дела против службената должност нема да застаруваат.

Откако премиерот Димитар Ковачевски неделава ги повика политичките партии да седнат на маса и да најдат заеднички јазик, нагласувајќи дека според него е добро да се разговара за уставните измени со цел да се дојде до решение кое би било прифатливо за сите, лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски излезе со став дека се потребни гаранции од Бугарија и ЕУ дека нема да има ново вето доколку се направат уставните измени.

 

Сепак на прашањето „дали Бугарија може да даде гаранции дека доколку се направат уставните измени нема да има повеќе нови блокади на европскиот пат“, бугарскиот премиер Галаб Донев вчера рече дека патот за членство на Република Северна Македонија во Европската унија поминува низ потписот на апсолутно сите 27 земји членки на ЕУ.

 

– Внесувањето на Бугарите во преамбулата на Уставот на Република Северна Македонија е еден од условите кои земјата ги презема како обврска не само во билатералниот протокол од Договорот за добрососедство и соработка, туку со потпишувањето на т.н. „француски договор“. Тоа е обврска не само кон Бугарија, туку и кон сите останати земји членки на Европската унија, изјави Донев, одговарајќи на новинарски прашања по означувањето на почетокот со градба на источниот дел од железничкиот Коридор 8, секција Куманово – Бељаковце – Крива Паланка.

 

 

 

Патот по кој треба да се движи земјава, според Донев, е исполнување на сите критериуми и договори кои се преземени пред ЕУ како целина.

 

– Бугарија е дел од ЕУ и Бугарија ги постави своите услови, но условите кои се веќе утврдени од земјите членки на ЕУ се поддржани со потпис од сите 27 земји. Така што, тоа што е во договорот и тоа што треба да се исполни за да биде одржана правата меѓувладина конференција, која што го означува стартот на преговорите за членство во ЕУ, е нешто кон кое треба да се стреми Република Северна Македонија, изјави Донев.

 

Претседателот на Алтернатива Африм Гаши вчера изјави дека очекува за нивниот предлог да се обединат сите политички партии во земјата.

 

– Законите можат да имаат повратно дејство и во случаите поврзани со застарување на кривичната одговорност за сторени злоупотреби од страна на избрани и именувани лица при практикување на јавни овластувања со кои е причинета штета на јавните фондови, буџетските средства на централно и локално ниво и со таквите злоупотреби е стекната противправна имотна корист, е предлогот на Алтернатива.

Во однос на барањето на дел од албанските партии да се избрише од Уставот формулацијата „јазикот што го говорат повеќе од 20 проценти….“, од Алтернатива велат дека се согласни, но сметаат дека дебатата за ова прашање треба да се води внимателно бидејќи, како што посочуваат, не смее да има победници и поразени.

– Сакаме да бидеме јасни. Алтернатива се спротивставува на сите обиди за негирање на македонскиот јазик и идентитет. Целосно ја разбираме чувствителноста на ова прашање за нашите сограѓани Македонци. Затоа, сакаме преку градење заеднички пристап взаемно да ги разбереме и решиме сите заеднички грижи, велат од Алтернатива.

Движењето БЕСА по редовниот состанок на Централното претседателство во петокот, уште еднаш го реафирмира ставот дека треба да се промени Уставот и да се отстрани, како што велат, понижувачкиот термин „20проценти“ и да се замени со албански јазик.

В.д. претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари најави дека пратениците од оваа партија начелно ќе гласаат за уставните измени со кои Бугарите треба да се внесат во Уставот, но дека имаат услови, коишто ќе им ги презентираат на „поважните амбасади низ Македонија“.

-Еден од условите е да се тргне „терминот 20 проценти“ од Уставот и македонскиот и албанскиот јазик да се користат како службени јазици во земјата, рече Таравари.

Претседателот на државата Стево Пендаровски, пак смета дека не треба да се брза во процесот на уставни измени за вметнување на Бугарите во преамбулата на Уставот затоа што има 14 месеци до завршувањето на процесот на скрининг. Дотогаш, вели, може да детектираме и поправиме нешто во однос на потребните реформи, а кога тој процес ќе биде при крај, тогаш да се види дали има потребно дотретинско мнозинство.

-По мене суштински е во тој процес да не се оди со главата нанапред без да се мисли каде евентуално може да удриме. Не би сакал ни случајно, ниту како граѓанин, ниту како претседател да видам процеси слични на усвојувањето на Преспанскиот договор, изјави Пендаровски во средата на гостувањето на ТВ Сител.

Мојот совет до Владата и до јавноста, рече Пендаровски, е да одиме плански и да не брзаме во тој процес.

-Имаме 14 месеци скрининг. Не мислам дека тоа треба да биде апсолутен политички приоритет број еден. Ние имаме толку многу реформи со скрининг да ги детектираме и поправиме и кога ќе дојде време на крај тој процес тогаш ќе прашаме во Парламентот имаме ли сега двотретинско мнозинство, вели претседателот Пендаровски.

Back to top button
Close