По апсењето и Тошковски го санкционира сопартиецот Нацев. Му ја одзема лиценцата на Рубикон

Агенцијата за обезбедување „Рубикон“ со формално име „Друштво за обезбедување на имот и лица Рубикон Секјурити Солушнс увоз-извоз ДООЕЛ Кисела Вода Скопје“ ја изгуби лиценцата, потврдуваат од МВР за „Слободен печат“.

Нејзиниот таен сопственик Александар Нацев е во 30-дневен притвор и е осомничен за аспекти од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде обезбедувачи на „Рубикон“ биле присутни ноќта ама без да имаат склучен договор со нелегалното кабаре. Нацев инаку барем во блиското минато бил член на ВМРО-ДПМНЕ со оглед на тоа што од 2017-2019 година од партиската говорница држеше прес-конференции со сериозни обвинувања дека полицијата дозволува нарко-бандите да дивеат во Македонија, дека тогашната влада спроведувала коруптивни тендери на принципот „едно евро за Вицето“, дека МВР тогаш било нефункционално и селективно а државата небезбедна поради пресметки на мафијаши.

Министерството за внатрешни работи донесе решение за одземање на дозволата, истата е врачена и од страна на правното лице „Рубикон Секјурити Солушнс“ е вратена дозволата за обезбедување во вид на давање услуги (физичко обезбедување). За истото е известена и Комората за приватно обезбедување на Македонија, врз основа на што фирмата не може веќе да ја врши дејноста приватно обезбедување, велат од МВР во одговор на прашањата на „Слободен печат“.

Пред да ја загуби лиценцата, а откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт лани во 2024 година, агенцијата за обезбедување „Рубикон“ доби 6 тендери за обезбедување скопски средни училишта. Некои од нив уште се активни а со оглед на тоа што агенцијата нема повеќе дозвола за работа, најверојатно ќе мора да се раскинат. Од МВР ни кажаа дека дозволата за приватно обезбедување во вид на давање услуги – физичко обезбедување на „Рубикон“ им ја одзеле зашто не ги исполниле членот 13 став 3 точка 5 од Законот за приватно обезбедување и членот 15 од Законот за приватно обезбедување.

 

Како што објавивме претходно „Рубикон“ е добитничка на 6 тендери за обезбедување средни училишта во Скопје по промената на власта во 2024 година, информација што е достапна од страницата на Бирото за јавни набавки. Од сајтот „отворени финансии“ се гледа дека буџетски пари легнувале на контото на агенцијата до 21 мај 2025 година, кога примиле исплата од гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“. Претходниот ден на 20 мај ги исплатила гимназијата „Георги Димитров“, а пред тоа „Марија Кири Склодовска“ во Аеродром. Уплати има и од ОУ „Малина Поп Иванова“ – Кочани. По добивањето на тендерите во средните училишта, на оваа агенција ѝ тргна во нагорна линија со приходите, но сето тоа се сруши на 16 март, денот на пожарот во дискотеката „Пулс“ каде живи изгореа 62 претежно млади, а повредени беа речиси 200 посетители на кабарето што работело со многугодишно институционално замижување, корупција и државна негрижа.

 

Обвинителството смета дека Александар Нацев, кој инаку се поврзува со ВМРО-ДПМНЕ, раководел со деловниот потфат и целокупното работење на „Рубикон“ заедно со претходно осомничениот управител и со овластениот во подружницата во Кочани. ОЈО ги сомничи сите дека без да склучат договор со кабарето „Пулс“ во цела 2025 година го обезбедувале клубот, а Александар Нацев во континуитет активно раководел со планот и начинот за давање на услугата обезбедување преку правното лице.

 

ОЈО ги сомничи физичките лица и самата агенција РУБИКОН СЕКЈУРИТИ СОЛУШНС дека не воделе грижа што илегалното кабаре е преполнето, па пуштале деца да влегуваат внатре катастрофалната ноќ на 16 март. ОЈО смета дека обезбедувањето требало да спречи во дивото диско да влезе пиротехниката, а ги товари обезбедувачите на „Рубикон“ и дека не направиле безбедносна проценка и план за обезбедување, не ја провериле противпожарната заштита и опасноста од пожари ниту сигурносните услови, со што би виделе дека има само 1 влез за евакуација што е незаконски.

 

Премиерот Христијан Мицкоски вчера кажа дека Нацев бил функционер на влада на ВМРО-ДПМНЕ во периодот 2016-2017 година. Јавно достапните податоци покажуваат дека Нацев бил и еден од делегатите на 16-тиот вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на кој Никола Груевски беше испратен една година пред да побара азил во Будимпешта, а за нов претседател беше избран Мицкоски. Според јавно достапните податоци на „Бизнис мрежа“ агенцијата за обезбедување „Рубикон“ е лоцирана на адреса „Христо Татарчев 79“ во Кисела Вода, на истата адреса на која е регистрирана невладината организација „Центар за безбедносни истражувања“ во која што директор е Нацев.

Тој според наведеното на страницата на невладината организација, е и декан на Факултетот за детективи и криминалистика при Европскиот универзитет во Скопје, доктор на науки од областа на безбедноста од Институтот за одбрана, безбедност и мир во Скопје. Неговото претходно работно искуство е како дипломат во Мисијата на Република Македонија во седиштето на НАТО во Брисел, а ја извршувал и функцијата директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Неговите истражувања се претежно во полињата на безбедноста, одбраната, информациската војна, разузнавањето и контраразузнавањето.

 

Back to top button
Close