По две децении спортската сала „Партизан“ во Карпош 4 повторно ги отвори вратите за граѓаните

По две децении, во текот на кои речиси целосно беше руинирана, спортската сала „Наум Наумовски – Борче”, поранешна сала „Партизан” во скопската општина Карпош денеска повторно ги отвори своите врати. Таа е целосно реконструирана и од денеска е официјално отворена.

На свеченоста премиерот Димитар Ковачевски потсети дека таа беше донација на Франција по земјотресот и речиси 20 години претставуваше руина во овој дел од главниот град. Сега таа е реновирана во целост за што беа издвоени над 1,1 милион евра.

 

– Со заеднички напори успеавме да ја реновираме во целост, и нејзината надворешност, но и внатрешноста. Новите реновирани простории на салата создаваат можности повторно тука да се спортува, да се тренира гимнастика, кошарка, одбојка, карате, стрелаштво, но да биде и место за рекреација. Дополнително, содржините ќе се збогатат со довршувањето на затворениот пливачки базен кој започна да се гради во септември годинава, рече Ковачевски.

 

Како ќе функционира салата односно кој ќе ја стопанисува, дали тоа ќе биде Општината или ќе биде дадена на приватна фирма како што беше претходно, кога пропадна, се уште не се знае. Градоначалникот на Карпош Стевче Јакимовски најави дека за тоа ќе се одлучи во Советот на Карпош.

Салата во 2005 година од Јавното претпријатие за стопанисување со спортски сали беше дадена под концесија на 30 години на фирмата „Сенгруп“. Но, наместо да ја заживее, салата целосно пропадна, беше разурната, запалена, искршена, затрупана со бетон, цигли, ѓубре, шут, стакло и наликуваше дека во секој момент може да се урне.

Back to top button
Close