По гласањето на изборите Радев со коментар за шпионскиот скандал и напад врз владата

Бугарскиот претседател, Румен Радев, денеска гласаше на парламентарните избори во земјата, откако претходно го чекаше својот ред да дојде до машината за гласање, јави дописникот на МИА од Софија.

-Гласав против распадот на државноста, беззаконието и корупцијата, за слободна и просперитетна Бугарија, рече Радев и ги повика бугарските граѓани да гласаат затоа што „во спротивно историјата ќе не испрати на поправен испит по демократија“.

На денешниот коментар на премиерот Борисов дека претседателот Радев можел да ги закаже парламентарните избори во Бугарија една недела подоцна, шефот на државата одговори дека „изборите требаше да се одржат многу порано, уште минатата година, и тогаш хаосот ќе се избегнеше, а животот на многу Бугари и илјадници бугарски семејства ќе беа спасени од банкрот“.

Радев, денеска, две недели по обзнанувањето, за првпат го коментираше и шпионскиот скандал во Бугарија за протекувањето информации до руските служби од бугарската војска.

-Ако судот го потврди масовниот упад во личната безбедност, тоа значи дека имаме длабок внатрешен проблем што ја компромитира не само националната безбедност, туку и безбедноста на сојузниците, и сериозно ја дискредитира Бугарија, оцени бугарскиот претседател.

Радев ја нападна извршната власт, изјавувајќи дека место да се фалат, треба да одговорат  зошто високо позиционирани претставници на бугарските институции, чии проверки и  дозволи се издадени од специјалните служби, директно подредени на премиерот, ја предаваат нашата национална безбедност. Затоа, тој очекува не само целосна истрага, туку и длабинска анализа за причините што доведоа до оваа состојба на национална безбедност.

Излезноста на изборите до 10 часот, според Централната изборна комисија,  е 7,58 отсто, што е за половина процент помалку отколку на претходните парламентарни избори во март 2017 година.

Back to top button
Close