По изборите, општините од крајниот Исток продолжуваат со реализација на зацртаните проекти
Изборните ограничувања за распишување тендери кои ги имаа општините заради изборниот процес завршија. Од општините на крајниот Исток најавија продолжување со проектите, кои ќе решат голем број проблеми на граѓаните. Еден од таквите проекти во Делчево е и изградбата на зелен градски пазар, за кој како што информира градоначалникот Горан Трајковски, наскоро ќе биде распишан тендер за негова изградба.
-Ние веќе имаме одобрение за тој проект и моите очекувања се по изборите да биде распишана јавната набавка за изградба на зелениот градски пазар. Се работи за импозантен проект со запазување на сите ХАСАП стандарди за изградба на ваков вид објекти. Инвестицијата за изградба на зелениот градски пазар е 30 милиони денари, истакна градоначалникот Трајковски.
Од готовите проекти во Делчево, завршена е изградбата на надворешниот дел од градската капела која конечно се изгради, по неколку децениски ветувања.
Во Македонска Каменица по изборите еден од клучните проекти на кои ќе се фокусира општината е осветлувањето на кеј на Каменичка река.
-Во тек е набавката и закажување на електронска аукција за реализирање на овој проект. Вршиме и експропријација за неколку градски улици кои исто така ни се во урбанизираниот градски дел, по што ќе следат и јавни набавки за нивна изградба, истакна градоначалничка на Македонска Каменица Соња Стаменкова.
Средствата за реализација на сите активности, како што додаде Стаменкова, изнесуваат 70 милиони денари и се обезбедени од буџетот на општината.