По изборот на Данка Ристова – „освојување” наместо распуштање на Судскиот совет?

Некако како да се смирија намерите дека ќе ги распуштаат двата совета иако имаше таква закана за распуштање“ – вели поранешната судијка во Врховниот суд Вера Коцо на прашањето во која насока очекува дека ќе се одвиваат промените во Судскиот совет и во Советот на јавни обвинители кои ги најавуваше новата влада, пособено по пораките од ЕУ и САД дека постои патоказ, односно Извештај од Оценската мисија на ЕУ.

Коцо вели дека заканата дека двата совета ќе се распуштат биле неосновани, оти како што кажа требало да се преземат мерки и да се лоцираат луѓето кои ги направиле проблемите во Судскиот совет, за да се оди на линија на лична одговорност, а не кон колективна. За неа, најавата дека советите ќе се распуштат се политички мерки кои таа воопшто не ги поддржува.

Во однос на тоа дали на сцена е план Б, односно дали со изборот на судијката Данка Ристова во Судскиот совет, власта оди на „освојување“ наместо за распуштање на Советот, таа вели:

„Тоа веќе се претпоставки, не би можела да кажам дали нејзиниот избор ќе го спречи распуштањето на Судскиот совет, секој може да размислува и да претпоставува, но немам некои докази сигурни на кои би се повикала“.

Според Ивана Петковска од Коалицијата „Сите за правично судење“, доколку членовите на

Судскиот совет своевремено поднесоа оставки, ова можеби не би било тема на разговор, но сега се остава простор за можна интерпелација на членовите кои се избрани од страна на Собранието.

Петковска: Тоа се темели на тоа што годишниот извештај на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители за 2023 година се уште не е усвоен, не е ставен на пленарна, не знаеме дали ќе биде усвоен.

360°: А не помина на комисија.

Петковска: Да, така е, со тоа што согласно конкретно Законот за Судски совет во член 100 може да се отвори расправа за членовите кои се избрани од Собрание.

360°: Да, но експлицитно не се вели дека може да биде директна основа предлог за разрешување.

Таа вели дека сега треба да се види како понатаму ќе постапи Советот и Собранието, со оглед на фактот дека веќе има нови членови во двата совета, односно во Советот на јавни обвинители има околу 80 отсто нови лица, додека пак во Судскиот совет ги нема оние членови од кои тие како коалиција „Сите за правично судење“ барале оставки. Дополтнително, вели Петковска, распуштањето на советите ќе биде многу голем преседан кој би можел да биде злоупотребуван при секоја промена на власта.

„Распуштањето на советите може во иднина секоја власт да го злоупотребува и ние ако имаме промена на власт на четири години, дали би имале промена и на советите со нивното распуштање. Затоа тоа би бил преседан што во иднина би било многу лошо интерпретирано и би можело да биде злоупотребувано“,

рече Петковска.
Новинарот Васко Маглешов, пак, вели дека во оваа ситуација кога проблематичните судии не се повеќе членови на советот, за него лично идејата дека власта можеби ќе се обиде да го освои Судскиот совет е пологична од распуштањето, бидејќи и САД и ЕУ се противат на идејата, која и според него е директна интрузија на извршната власт во судската и токму затоа од тој аспект смета дека тоа е затворено прашање.

Маглешов: Читајќи ја владината програма и особено програмата на ВМРО-ДПМНЕ како водечка во тој поглед, тие дури пишуваат дека ќе има некаков преоден период во кој ќе се воспостави некаква правна ситуација додека не се изберат нови членови, па не знаеја како да го правдаат, па велеа не можеме судиите туку овие кои се избрани од Собранието и од претседателот.

360°: Нели министерот за правда тргна во јавна расправа за нацрт-измени во Законот за Судски совет?

Маглешов: Да, но неговите најави во основа бидејќи доаѓа од ЗНАМ се во колизија со тоа што го пишува во програмата на Владата бидејќи таму пишува распуштање на Судскиот совет и дури имаше реченица – преоден период додека не се најде решение, тоа засега не гледаме дека се случува и не верувам дека ќе се случи.

Back to top button
Close