По масакрот во Цетиње, Црна Гора ќе добие построг закон за оружје
Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ објави дека земјата ќе воведе нов закон за оружје во рок од два месеца, со кој ќе се спроведуваат најригорозни проверки на сите дозволи за поседување оружје.
На вонредната седница на Советот за национална безбедност, свикана по трагедијата во Цетиње на 1 јануари, каде што 45-годишен напаѓач уби 12 лица, се разгледаа мерки за сузбивање нелегално оружје и зајакнување на безбедноста.
„Ова беше една од најтешките седници, но важно е да останеме обединети во вакви ситуации,“ изјави Спајиќ.
Тој нагласи дека нападот го извршил човек со психијатриски проблеми, исклучувајќи верски или национални мотиви. Премиерот ги пофали медиумите, здравствените служби и полицијата за нивната брза и професионална реакција.
Спајиќ најави дека сите кои поседуваат оружје ќе мора да ги поминат најстрогите проверки во Европа за обновување на своите лиценци. Ова ќе важи и за ловечките друштва, додека приватните стрелачки клубови ќе бидат затворени.
„Во однос на нелегалното оружје, кампањата ‘Почитувај го животот – врати го оружјето’ продолжува. Тие што нема да го предадат оружјето во рок од два месеца, ќе се соочат со најстроги казни,“ рече премиерот.
Според новиот закон, недозволеното носење или поседување оружје ќе се казнува со највисоки санкции.
„Нема да има милост за прекршителите,“ подвлече Спајиќ