По „Мојот маж”, „Галимар” ја објави и „Не одам никаде” од Румена Бужаровска

Ова е втора книга од Румена Бужаровска објавена кај престижниот француски издавач

Престижната француската издавачка куќа „Галимар” денеска го објави своето издание на збирката раскази „Не одам никаде” (Je ne bouge pas d’ici) од писателката и универзитетска професорка Румена Бужаровска, во превод на Марија Бежановска, информираат од Издавачки центар ТРИ.

„Француското издание на ‘Не одам никаде’ од Бужаровска следува откако претходно ‘Галимар’ ја издаде и ‘Мојот маж’, додавајќи го своето издание на листата од петнаесет преводи на збирката што оствари и шест театарски продукции во земјава и странство”, посочуваат од ТРИ.

Основана во 1911, а од 1919 година позната под името „Библиотека Галимард”, француската издавачка куќа е една од највлијателните издавачки куќи на дваесеттиот век, кога објавувала дела на Марсел Пруст, Жан Пол Сартр, Албер Ками…

„Задржувајќи го своето реноме и денес, ‘Галимар’ е издавач кој преку своите внимателно избрани изданија ги запознава француските читатели со писатели добитници на Нобеловата награда за книжевност и со современи гласови кои автентично го пренесуваат духот на времето.”

Од ТРИ дополнуваат дека „Не одам никаде”, по изданијата во САД, Турција, Унгарија, Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина и Франција, во март ќе добие и шпански превод во издание на „Импедимента”, додека, пак, „Мојот маж” го очекува и својот бразилски превод во издание на „Тодавиа”.

„И додека расказите на Бужаровска продолжуваат да ги освојуваат светските читатели, македонските читатели веќе го читаат второто издание на ‘Тони’, нејзиниот прв роман, кој со својата брутална карикатуралност ќе ве насмее и ќе ве налути, поттикнувајќи чувство на лична одговорност, тема за која сите денес би требало повеќе да размислуваме”, посочуваат од ТРИ

Back to top button
Close