По наводите за нехуманиот третман на 17-годишникот, омбудсманот ќе поведе постапка за Психијатриската болница во Демир Хисар

По наводите за нехуманиот третман на 17-годишното момче со аутизам во Психијатриската болница во Демир Хисар, Народниот правобранител отвори предмет по сопствена иницијатива за испитување на овој случај.

„Немаме директна претставка директно од родителот како би можеле да ги добиеме основните податоци, но и овие се доволни за да иницираме постапка. Ќе бараме од надлежните органи да се направи надзор над работата на установата и секако ќе побараме соодветни информации за изнесените наоди на родителот преку медиумите за начинот на којшто детето беше третирано додека било сместено во установата“изјави денеска државниот советник во Народен правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа.

Реакцијата на Правобранителот следува откако мајка на дете со аутизам во изјава за медиуми сведочеше оти нејзиниот 17-годишен син бил нехумано третиран во Психијатриската болница во Демир Хисар. За таквиот третман, како што изјави таа, сведочат раните и модриците по телото од синџирите со кои бил врзуван.

Мајка обвинува за нехуман третман на нејзиниот аутистичен син во Психијатриската болница „Демир Хисар“, Меџити вели дека момчето било лекувано според протоколите

Народниот правобранител уште минатата година ги критикуваше условите во кои се сместени лицата во Психијатриската болница во Демир Хисар велејќи дека не смее да се дозволи нехуман однос или сместување на пациенти во несоодветни услови.

 

„Верувам дека што поскоро треба да бидат преземени мерки со цел ваквите установи треба да бидат места од аспект на кадар и од аспект на стручност и од аспект на третман и однос, ќе одговорат на стандардите кои ги налагаат меѓународните конвенции, меѓународните стандарди за почитување бидејќи во спротивно кршиме многу права кршиме многу и закони и конвенции кои ги имаме ратификувано како држава“.

Како одговор на наводите на мајката на 17-годишникот, Психијатриската болница „Демир Хисар“, но и министерот за здравство Фатмир Меџити соопштија дека детето било лекувано согласно медицина базирана на докази и дека во одредени ситуации е неопходно физичко ограничување на пациентите.

 

Back to top button
Close