По одржување кондиција дома во дворот, Лина Ѓорческа на турнир во Белград

– По неколку месечниот прекин поради состојбата со коронавирусот, затворените граници и ограниченото движење, најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа од Тетово за прв пат периодов учествува на тениски турнир и тоа надвор од државата во српскиот главен град Белград.
Отворањето на границите со Србија беше можност Ѓорческа да настапува на Источноевропскиот шампионат во Белград, Србија (Eastern European Championship). Во првата недела од турнирот изминатите седум дена, таа успеа со три победи и еден пораз да се пласира во понатамошната втора фаза која почнува од утре.
– Од понеделник 6 јули, продолжувам со дуели во новоформираната група Б со противничките Ивана Јововиќ и Доротеја Јоксовиќ од Србија, Басак Ерајдин од Турција и Марина Дражиќ од Хрватска, истакна Лина Ѓорческа.
Претходно, во првиот циклус на натпревари, Ѓорческа имаше три победи и еден пораз во рамки на групата Ц. Ги совлада Тијана Сретеновиќ со 2-0 (7-5,6-4) и Мариана Дражиќ со 2-0 (6-1, 6-0), Чемре Анил со 2-0 (6-1, 6-1) и пораз од Викторија Томова од Бугарија со 2-0 (6-3, 6-2)
Додека траеше ограничувањето на движењето поради полицискиот час во Тетово, таа кондицијата ја одржуваше дома во рамки на дворот од семејната куќа.
– Полицискиот час и забраната за одржување на тренинзи и спортување беа причина да не може да се тренира во Тетово или Скопје. Тука се и проблемите се немање соодветни места за тренирање кои или не постојат не се одржуваа. Турнирот е прва можност вистински да се вратам на теренот, вели Ѓорческа, благодарна на организаторот на турнирот, тениската академија на српскиот тенисер Јанко Типсаревиќ.
На светската листа на Женската тениска асоцијацијa (Women’s Tennis Association-WTA) Лина е на 342 место, додека во двојки е на 216 позиција. На рангирањето на Меѓународната тениска федерација ИТФ е на 37 место.