По околу два часа завршија иранско-американските нуклеарни разговори, одржани во Оман
– Денешните разговори меѓу Иран и Соединетите Американски Држави за нуклеарната програма на Техеран, завршија по околу два часа, јави ДПА, повикувајќи се на иранските медиуми.
Преговорите во Маскат, главниот град на Оман, се одвиваа во одвоени простории, при што официјални лица од Оман ги пренесуваа пораките меѓу двете делегации. ДПА информира дека репортер од иранската новинска агенција Тасним ја опишал атмосферата како позитивна.
Детали за исходот од дискусиите не се објавени, но, според иранските државни медиуми, преговорите ќе продолжат следната недела.
Оман, кој е познат по својата дискретна улога како регионален посредник, не го коментираше јавно состанокот.
Иран беше претставуван од министерот за надворешни работи Абас Арагчи, ветеран од нуклеарните преговори со светските сили во периодот 2013-2015 година. Специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф, ја претставуваше администрацијата на Доналд Трамп.
Техеран во неколку наврати денешниот дијалог го опиша како „индиректен“, додека американскиот претседател Доналд Трамп рече дека разговорите ќе бидат „директни“.
Минатиот месец, Трамп предложи преговори со Иран за нов нуклеарен договор, предупредувајќи на воена акција доколку Техеран не се согласи да ја ограничи својата контроверзна нуклеарна програма.
По неколку дена размислување, Техеран на крајот прифати, делумно со надеж дека ќе добие олеснување од тешките санкции наметнати од САД, кои се сметаат за клучен фактор во сегашните економски тешкотии на Иран.