По оној со мекиците, нов  кластер од Охрид – митингашки!?

На фонот на синоќешниот митинг на ВМРО ДПМНЕ, на отворено,  на градскиот плоштад “Свети Климент Охридски”, во Охрид, односно вечерашната “граѓанска трибина!” на СДСМ, позната лекарка од Охрид, која се врати од Љубљана за да и служи на родната Македонија, споредувајќи не со Словенија, апелира на разум. Предупредува на опасност од нови кластери, овој пат – митингашки!?

Докторката приложува фотографија од еден настан во Љубљана, организиран од претседателот на Словенија Борут Пахор, каде се гледа како се држи дистанца, како сите носат заштитни маски, се КАКО ТРЕБА – по сите протоколи.

Докторката приложува и еден факт, од кој сите треба да си ја чукнеме главата, да се отрезниме. Ние, очигледно, сме ја фатиле удолницата. Само сами можеме да повлечеме рачна и, како така, да се вратиме назад.

Во Словенија, предупредува – моли докторката, “во последниве две недели има новозаболени, колку кај нас за 12 часа! Кај нас предизборни дуели без маски, отворени граници без тестови, или карантин, шетање по градови, а сме на работ од КОЛАПС”!!!

На повидок, нови – митингашки кластери!?

Професионалната љубопитност, синоќа, од 20 часот, ме однесе на градскиот плоштад во Охрид. Митингуваше ВМРО ДПМНЕ. Бидејќи сум со поодмината километража, го паметам (известував) од првиот митинг на партијата, по формирањето, односно по воспоставувањето на независноста и сувереноста на нашата татковина.

Тогаш се одржа кај стариот чинар, лидер беше “ангелчето!”, Љубчо Георгиевски, а главна звезда беше почесниот претседател, да не кажам основачот на партијата Драган Богдановски. Иселеник, патриот по задача, односно кодош, што би рекол Филипче (Петрески). Подоцна, од истиот се оградија, и “ангелчето!” и бегалецот на синиот Дунав.

Во чест и спомен на патриотските (ако е во право Филипчето!) кодоши, Драган Богдановски и Мане Јаковлески, ВМРО ДПМНЕ и денеска, митинзите ги започнува од Охрид, само не од кај чинарот, туку од централниот плоштад. Ви приложувам неколку фотографии, за да видите како синоќа се спроведуваа протиооколите на Филипче и на тој Караџата!

Ако веќе сакаат да митингуваат, нека не остават на рат и во добро здравје, нека одат на стадион, во амфитеатарот, или на Долни Сарај. Таму има услови за дистанца.

Со нова, здравствена, ќе не вадат од тригодишната политичка пандемија!?

За суштината, пораките од митингот, нема да трошам простор. Ќе пренесам само една, изговорена од лидерот Мицкоски. Треба, вели, да излеземе од тригодишниот карантин, од тригодишната пандемија инфицирана од СДСМ!

Човечки е да се надеваме дека нема да биде вака, како на фотографииве, и вечерва, од 19 часот, со “граѓанската трибина” на СДСМ. Да се надеваме!?

Ако, недај Боже, биде исто, тогаш немаме право да се жалиме на докторите. Немаме право да шушкаме по ќошињата дека болниците ни се пребукирани, а хотелите празни! Немаме право медицинските сестри да ги погледнеме в очи! Имаме само едно право и една должност: гласно и јасно да ги запрашаме Филипче министерот  и тој Караџата, од комисијата –  ДАЛИ СЕ СОГЛАСУВААТ СО ОВА!? ДАЛИ ГО ОДОБРУВААТ!?

“Само ми е жал за колегите од Инфективната клиника и болницата “Осми септември”, кои 3 месеци немаат глава кренато, за ние да се подигруваме на секој чекор!”, предупредува допкторката која ја напушти “нецивилизираната” Љубљана, за да се врати во својот роден град и да ги лечи своите охриѓани и своите сограѓани и сограѓанки од Македонија.

“Одлепена” кампања – “плукни залепи” држава!? 

Ќе ви пренесам една досетка, која го отсликува нашиот политички живот и амбиент. Постизборно, оди млад човек во партиското седиште и тој да дрпне нешто од “животот за сите!”.  Локалниот лидер, му кажува дека за прв пат го гледа! Каде бил досега? Не видел дека, барем еден изборен плакат да залепил!? Тука бев, вели овој. Цело ввреме. И јас работев, вели. Вие ги лепевте, јас ги одлепував и ги кинев плакатите!?

Шегата настрана, но реалноста не е поинаква. Не може СДСМ да одлепи и искине, колку што ВМРО ДПМНЕ може да залепи!  Може и обратно, но, според она што јас го забележувам во мојот Охрид, “војводиве” се ненадоместливи.

Најнапред, во Битола одржаа предизборен собир за да ни ја предочат изборната програма. Jа започна кампањата еден ден пред законскиот термин и никому ништо!

Во очи на синоќешниот митинг во Охрид, градот го облепија со пропаганден материјал со негативна конотација кон политичкиот опонент, во овој случај, СДСМ.

Прв таргет, како што се забележува е Радмила Шеќеринска, заменик претседател на СДСМ и министер за одбрана, како носител на листа во Петата изборна единица.

“Инвентивноста” на лепачите е навистина неисцрпна. Се користи секоја можност и секој објект: sидчиња, тараби, сообраќајни знаци, канделабри, електрични орманчиља, те дури и кантите за собирање на отпад на “Охридски комуналец”!

Очигледно е дека активистите на СДСМ се обидуваат да парираат. Во еден случај, на ист начин, со растурање материјал со негативна конотација кон носителот на листата во Петата изборна единица, Игор Дурловски. Дури, ми се чини,  дека и први почнаа, во случајот со афишите за Дурловски.

Сега се оддадени не залепување, туку на одлепување, меѓутоа, очигледно е дека СДСМ не може да искине и одлепи, колку што ВМРО ДПМНЕ може да залепи!

ВМРОвци предњачат,  ама и другите не заостануваат многу. Се води битка на живот и смрт, оправдани се сите средства. Не се исчудувајте, ако веќе од утре ќе имаме физички пресметки на „активистите“!

Македонски состојби!

Мацедонише цуштенде! 

Нека ни е наздравје!, порачува драгиот пријател Филип Митовски.

 

Back to top button
Close