По подолг период Пијанечко-малешевскиот регион без нови случаи на Ковид-19

 По подолг период општините од Пијанечко-малешевскиот регион денеска не се најдоа меѓу градовите каде има нови случаи на Ковид-19. Здравствените иституции од Делчево информираа дека резултатите од тестовите кои во изминатиот период беа направени како резултат на контактите со заразените се негативни, со што по подолго време во Делчево денеска нема регистрирани случаи.

-Знаете добро дека имаше поголем број асимптоматски случаи кои имале контакти кои за среќа по направените тестирања се негативни. Ова ни дава за право дека резултатите и од останатите тестови кои ги очекуваме ќе бидат слични како денешните со што бројката на активни случаи ќе почне да опаѓа, истакнаа од делчевскиот Здравствен дом.

Сепак упатија апел за претпазливост и натамошно почитување на мерките за заштита од вирусот.

-За да се вратиме на периодот кога во Делчево немаше активни случаи со коронавирус, мора да го почитуваме она што ни се препорачува од страна на Комисијата за заразни болести, а тоа значи да нема групирања, да се носи маска кога ситуацијата тоа го налага и да одржуваме дистанца, потенцираат од Здравствениот дом.

Во наредните денови според нивните најави ќе се зголеми бројот на оздравени пациенти чија бројка до денес изнесува вкупно четири лица. Во Делчево, Берово, Пехчево и М.Каменица до денес има 110 активни случаи на Ковид-19.

Back to top button
Close