По пресудата за „Титаник“, СДСМ бара оставки од Мицкоски и ИК на ВМРО-ДПМНЕ: Потврдено е злосторничкото здружение

Во „Титаник“ обвинети се некогашни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, актуелниот претседател Мицкоски е некогашна десна рака на Груевски, негов советник и генерален секретар, а во сегашното раководство исто така се наоѓаат луѓе на Груевски, велат од СДСМ поради што бараат и оставки

Пресудите за „Титаник“ се јасна потврда за злосторничкото здружение, за тоа како ја фалсификувале волјата на граѓаните, за изборниот поткуп, злоупотреба на пари и институции, за незаконско финансирање изборна кампања, реагираа од СДСМ откако денеска во Основниот кривичен суд беа изречени четири затворски и четири условни казни за поранешни владини и партиски функционери од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ бараат и оставка од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и целиот Извршен комитет (ИК).

„По денешните пресуди, Христијан Мицкоски мора да поднесе оставка, заедно со неговиот Извршен комитет. Станува збор за нереформирана партија, со истите луѓе кои биле дел од судските процеси, со судска пресуда за сторен криминал. Во ’Титаник‘ обвинети се и други некогашни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ меѓу кои и Никола Груевски, Илија Димовски, Кирил Божиновски. Мицкоски е некогашна десна рака на Груевски, негов советник и генерален секретар. Во актуелното раководството на партија се луѓето на Груевски, како Александар Николоски и Владо Мисајловски. Но и луѓе за кои има други обвиненија, како Антонио Милошоски и Игор Јанушев. Затоа Мицкоски и целото раководство на ВМРО-ДПМНЕ треба да се повлече“,рече на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Од СДСМ апелираат и за ефикасна истрага и завршница на останатите процеси против сите поранешни и актуелни политичари, без разлика дали се на власт или во опозиција.

Во „Титаник“ се обвинети 20-ина лица и предметот опфаќа кривични дела против изборите и гласањето за парламентарните и локалните избори од 2011 до 2014 година. Денеска изречената пресуда беше за осуммина од нив кои на минатото рочиште решија да признаат вина. Казните што ги добија оние кои признаа се: Гордана Јанкулоска – затворска казна од 2 години и 6 месеци; Мартин Протуѓер – условна казна затвор од 2 години која нема да се изврши ако во рок од 5 години не стори ново кривично дело; Миле Јанакиески – затворска казна од 4 години и 6 месеци; Билјана Бришковска-Бошковски – условна казна затвор од 2 години која нема да се изврши ако во рок од 5 години не стори ново кривично дело; Катерина Веловска – условна казна затвор од 2 години која нема да се изврши ако во рок од 5 години не стори ново кривично дело; Киро Тодоровски – условна казна затвор од 2 години која нема да се изврши ако во рок од 5 години не стори ново кривично дело; Мунир Пепиќ – затворска казна од 1 година; и Коста Митровски – затворска казна од 3 години.

Back to top button
Close