По разводот на поранешната сопруга и должи 200.000 евра бидејќи целосно се посветила на работата дома

Шпанката Ивана Морал била в брак 25 години, и во нив, покрај грижата за своите ќерки, таа морала да работи и дома и да помага во семејниот бизнис, за што никогаш не добила никаков паричен надомест. По разводот, сепак, неодамна Првостепениот суд на Велез-Малага пресуди дека 48-годишната жена има право на компензација во износ од над 200.000 евра за извршување „невидливи задачи“ за време на бракот.

– Се чувствував понижена, потчинета и злоупотребена… Немав ниту банкарска картичка, вели таа за весникот „Ла Вангвардија“.

Нејзиниот поранешен сопруг, кого го опишува како „доминантен и манипулативен“, додава таа, бил „неверен и психолошки насилник“ и правел сè што можел за Ивана целосно финансиски да зависи од него.

Морал, покрај домашните работи, држела часови и чистела во фитнес-студијата на нејзиниот сопруг. Таа често работела и по 10 часа на ден и, вели, никогаш не добивала надомест. Зависела од парите што нејзиниот сопруг бил подготвен да ѝ ги даде.

– Иако и двајцата работевме, куќата, автомобилот и моторот беа негова сопственост, продолжи жената.

По разводот, таа побарала надомест, велејќи дека поради нејзината посветеност на домот и семејството, била лишена од секаков кариерен пат додека нејзиниот сопруг ги собирал сите средства. Според Судот, нејзиниот поранешен партнер сега мора да ѝ плати 204.624 евра, врз основа на годишната минимална плата за време на бракот. Нему, исто така, му е наредено да плаќа и алиментација за нивните ќерки.

Back to top button
Close