По реакциите на родителите, Мицкоски ги прочита имињата на жртвите од Кочани: „Луѓето чии животи згаснаа не се бројка, туку личности“

Една година по катастрофалниот пожар во Кочани кој ја потресе целата нација, државниот врв порача дека болката останува, но и обврската да се изградат институции кои нема да дозволат повторување на ваква несреќа.
Премиерот Христијан Мицкоски, во своето воведно обраќање на меѓународната конференција во Скопје, посветена на институционалните и клиничките аспекти по трагедијата, емотивно се осврна на кобниот настан.
Трагедијата во Кочани остави длабока рана во нашето општество. Во една ноќ се прекинаа животи, се променија судбини и се отвори болка која ќе остане долго во сеќавањето на нашата држава“, рече Мицкоски, изразувајќи длабока почит кон жртвите, нивните семејства и повредените кои сè уште водат битка за закрепнување.
Премиерот Христијан Мицкоски ја искористи Меѓународната конференција за Кочани и ги прочита имињата на загинатите во пожарот во Кочани, откако претходно родителите и роднините на 63-те жртви на пропустите на ситемот, изразија револт од комеморативната седница во Собранието на 12 март.
Луѓето чии животи згаснаа не се бројка, туку судбини. Личности, рече тој и ги прочита имињата на загинатите:
Алексова Стефанија, Џамов Јорданчо, Трајчев Иван, Ѓоргиев Џоко, Коларов Александар, Величков Иван, Стојанов Андреј, Антова Ивона, Христовски Павел, Димитријев Диме, Насевски Никола, Богданов Тоше, Тодоровски Тоше, Коцева Ана, Живков Адријан, Петрушов Гордан, Горгиев Игорче, Стевановски Филип, Стојанов Томче, Стоименова Моника, Стојанов Стојанчо, Пројковска Николовска Capa, Шопова Марија, Ивановски Петар, Ѓорѓиев Александар, Марковски Матеј, Закова Бојана, Василков Ѓорѓи, Петров Александар, Минова Драгана, Алексова Capa, Ѓорѓиески Андреја, Ивановски Филип, Јорданова Capa, Стрезоска Марија, Ефремов Александар, Велков Игор, Тасева Стојковска Лепа, Атанасовски Мартин, Алексов Александар , Минов Божидар, Милковска Кети, Златков Томас, Соколова Стефанија, Велков Леонид, Наунова Надица, Јорданов Виктор, Панов Андреј, Иванов Димитар, Стоименов Спиро, Владимиров Јове, Андонов Ице, Тасевски Стефан, Величков Ѓорѓи, Стојанов Александар, Христова Сања, Танески Дамјан, Спасова Моника, Лазаров Андреј, Карадакоски Александар, Гавриловски Александар , Стефанов Стојанче, Блажев Владимир Панчо.
Премиерот истакна дека денот на несреќата бил најтешкиот ден во неговиот живот, нагласувајќи дека трагедијата се случила само осум месеци по неговото стапување на функцијата. Тој директно го впери прстот кон децениската негрижа за институциите.
„Само 8 месеци од моето управување со државата се случи да се плати сметката за еден девастиран систем кој беше уништуван со децении. Кој е виновен за сето ова? На ова мора да дадат одговор обвинителството и судовите. Но, воедно мора да говориме и за вината во креирањето на тој систем кој потфрли, каде со децении и години се креира тоа диво месо кое стигна до нашите најмили“, потенцираше Мицкоски.
И покрај системскиот колапс, премиерот нагласи дека трагедијата ја разбудила човечноста и солидарноста. Тој им оддаде посебно признание на „тивките херои“ – лекарите, медицинскиот персонал, болничарите, крводарителите и волонтерите кои деноноќно работеле за да спасат човечки животи.
Мицкоски се заблагодари и на меѓународната заедница која веднаш ги отворила вратите на своите болници за македонските пациенти, заклучувајќи дека конференцијата мора да го претвори ова болно искуство во конкретни решенија за побезбедно општество.
Извор: fokus.mk






