По санкциите на ЕУ, Роскосмос го прекина лансирањето ракети од космодромот Куру во Француска Гвајана

 По санкциите на Европската унија против Москва поради руската инвазија врз Украина, Русија го прекинува лансирањето од космодромот Куру во Француска Гвајана, објави денеска руската вселенска агенција Роскосмос, јави дописникот на МИА.

„Како реакција на санкциите на ЕУ против нашите компании, Роскосмос ја прекинува соработката со европските партнери во организацијата на вселенски лансирања од космодромот Куру и го отповика својот технички персонал (…) од Француска Гвајана“, се наведува во соопштението за печатот.

Европскиот совет во четвртокот вечерта одлучи да го забрани извозот во Русија на авиони, делови и опрема од аеронаутичката и вселенската индустрија, како реакција на руската инвазија на Украина.

Европскиот воздушен сектор има неколку партнерства со Русија. Така, Роскосмос има заедничко вложување со Аријанеспас, Старсем, за управување со ракетата Сојуз. Во принцип, треба да се лансираат осум ракети Сојуз во 2022 година, три од Куру (вклучувајќи го францускиот шпионски сателит ЦСО-3) и пет од рускиот космодром Бајконур во Казахстан.

Во отсуство на ракетите „Сојуз“, Европа не би имала свој капацитет да лансира одредени сателити пред да биде подготвена „Аријане 6“, чиј прв лет се очекува на крајот на годината

Back to top button
Close