По седум години – Преспанскиот договор се одомаќини

Седум години по неговото потпишување, Преспанскиот договор стана дел од системот во Македонија. За некои предавство, а за некои успех, овој Договор може да се гледа од две страни, едната успешна а другата неуспешна. Неуспешната е што тој не доведе до исчекор во евроинтеграциите, но не по вина на Македонија, а успешната е што нашата земја стана членка на најголемата и најмоќната алијанса во историјата на светот – НАТО. Преспанскиот договор доведе и до намалување на тензиите во регионот, откако Северна Македонија и Грција воспоставија партнерство.

По доаѓањето на власт на конзервативната влада на ВМРО-ДПМНЕ, атмосферата кон Договорот е суштински променета. Од една страна зачестија критиките кон него, но од друга страна критиките не доаѓаат од главните актери на политиката туку од маргиналци под чадорот на владејачката партија. Дури и претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова која при нејзината инаугурација го заобиколи новото име на државата, а како професорка напиша повеќе десетици страници анализи против Преспанскиот договор, се повлече пред реалноста.

Иако некои искуства говорат дека и во Северна Македонија и во Грција постојат екстремни кругови кои и натаму ги оптоваруваат односите меѓу двете држави, општата клима е позитивна и со услови таа и натаму да се развива во добар правец. Грција е земјата чии воени авиони вршат патрола на небото над Македонија во рамки на НАТО мисијата која важи за сите земји членки. Нашиот јужен сосед е и дестинација за летување на поголемиот дел граѓани на нашата земја. Институтот на групацијата на грчки туристички асоцијации објави дека во 2023 година 1,2 милиони туристи од Македонија летувале во Грција што е двојно повеќе од претходната 2022 година. Македонија е меѓу топ 15 држави на кои Грција им е примарна туристичка дестинација.

 

Ремек дело или цинизам

Времето од седум години го потврди Преспанскиот договор како правилен чекор во развојот на државата и освојувањето на меѓународни позиции. Видливо е дека и премиерот Христијан Мицкоски чија партија и тој лично го оспоруваа Договорот, денеска зборуваат со поинаква интонација. За некои цинична за некои духовита а за некои афирмативна, изјавата што тој ја даде за извонредноста на Преспанскиот договор и денес е предмет на различни толкувања.

Изјавата на Мицкоски во изворна форма беше следнава: „Секогаш се обидувам да зборувам со одреден јазик што може да биде разбран северно од Виена. Ве молам, немој погрешно да ме разберете. Што значи дека ако Преспанскиот договор беше ремек-дело на европската дипломатија, нешто што е, да речеме, брилијантно, зошто тогаш не го повториме ова ремек-дело за изнаоѓање конечно решение, трајно, одржливо решение, што ќе обезбеди решение за овој вештачки спор“, рече Мицкоски.

Поентата на неговата изјава беше да се примени формулата од Преспанскиот договор за одложено дејство и со уставните измени за вметнување на Бугарите во Уставот.

На стартот пак на изградбата на граничниот премин Маркова нога кој е уште една придобивка од Преспанскиот договор, Мицкоски рече дека тој е само уште еден чекор кон поврзување на двете Преспи од едната и другата страна на границата. „Мислам дека ваквите примери се позитивни и за двете држави и во таа насока треба и понатаму да се градат односите, да се поврзуваме затоа што само на тој начин можеме да бидеме во оптиката на поголемите држави“, изјави тој.

Промената на ставот на ВМРО-ДПМНЕ и на Владата кон Преспанскиот договор е клучната пресвртница за да може да се каже дека по седум години лавирање, афирмирање или негирање, овој историски договор конечно и целосно е прифатен во Македонија. Земјата го промени Уставот, ги замени личните документи на граѓаните, како пасоши и лични карти, регистарските таблички на возилата и имињата на главните државни институции.

 

Грчкото „не“ што значеше „да“

За жал Грција сè уште не ги има ратификувано трите меморандуми за соработка кои произлегуваат од договорот, а кои беа потпишани во 2019 година. Овие меморандуми се однесуваат на забрзување на евроинтегративниот процес на Северна Македонија и на економската соработка. Дополнително, не е одржан вториот состанок на Советот за соработка на високо ниво, кој според договорот треба да биде годишен. Исто така, промената на таблите на патиштата во Грција кои се однесуваат на Северна Македонија не е целосно завршена.

На политичко ниво пак, во времето на потпишувањето во Грција се случи едно „не“ кое потоа премина во „да“. Сегашниот премиер на Грција Кирјакос Мицотакис пред неговата доаѓање на власт во 2018, на своите сопартијци на партиска конференција на Нова Демократија им рече: „Неа Демократија нема да го ратификува Преспанскиот договор, ниту сега ниту во идниот парламент, ниту никогаш“. Веднаш по доаѓањето на власт, пак, Мицотакис рече: „Јас можев за време на изборната кампања да говорам дека кога ќе дојдам на власт ќе го отфрлам Преспанскиот договор но тоа не го зборував бидејќи јас сум сериозен политичар и знам дека договорите не може да се менуваат“.

Преспанскиот договор формално го потпишаа шефовите на дипломатиите од двете страни, Никола Димитров за Македонија и Никос Коѕиас за Грција. Меѓутоа политичкиот договор за надминување на спорот и условите под кои беше склучен се заслуга на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас. Договорот е од меѓународен карактер и е депониран во трезорот на Обединетите Нации во Њујорк.

Во времето кога се потпиша Преспанскиот договор сегашниот претседател на САД Доналд Трамп го трошеше првиот мандат во Белата Куќа. Тој го нарече овој Договор „најисториско достигнување на Балканот од Дејтонскиот договор“ и посочи дека тој сведочи за храброто лидерство на тогашниот премиер Зоран Заев.

Соња Крамарска

Back to top button
Close