По сервисирањето, повторно пуштена во употреба жичницата на Водно
Од Јавното сообраќајно претпријатие информираат дека од денеска, жичницата на Водно е целосно сервисирана и повторно пуштена во редовна употреба.
„Почитувани корисници на жичницата Милениумски крст, по изминатиот период во кој се спроведе предвидениот годишен сервис, жичницата од денес е ставена повторно во функција. Ве очекуваме на падините на Водно“, соопштија од ЈСП.
Претходно од претпријатието ги демантираа информациите кои излегоа во јавноста и велеа дека е нарушена безбедноста на жичницата и оти таа подолг временски период работи без потребните дозволи, и појаснија дека жичницата е безбедна и е привремено затворена поради редовен годишен сервис.
„Безбедноста на жичницата на Водно е по сите пропишани стандарди. Таа има валиден безбедносен сертификат до 25 септември годинава. Во тек е тековен сервис, кој се врши овој месец. Направен вонреден детален технички инспекциски надзор од Министерството за транспорт и врски во кој исто така не беа констатирани технички недостатоци, односно беше констатирано дека жичницата е во исправна и функционална состојба“, реагираа тогаш од претпријатието.