По смртта на мајка и дете: потфрлиле 39 полицајци

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР утврди сериозни пропусти во постапувањето на 39 полициски службеници поврзани со случајот на семејно насилство во скопската населба Тафталиџе, кој заврши со трагичен исход.

Станува збор за случајот во кој мајката Ивана и нејзината шестгодишна ќерка Катја загинаа, откако Ивана се фрли од балкон по долгогодишно насилство и институционално непостапување. Според семејството, пријавите за семејно насилство биле поднесувани со години, но надлежните институции не реагирале навреме и соодветно.

 

Обвинителството се вклучува во истрагата

Одделот за внатрешна контрола доставил известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Од обвинителството потврдуваат дека документот е примeн и дека ќе биде распределен на јавен обвинител од Специјализираното одделение за постапување по случаи во кои сторители се полициски службеници и припадници на затворската полиција.

 

Долгогодишни пријави против Стојанче Јовановски

Според досегашните информации, Стојанче Јовановски бил повеќепати пријавуван од својата сопруга Ивана, од нејзини блиски, но и од други сведоци на случувањата. Пријавите се однесувале на агресивно и насилно однесување, а дел од нив биле поднесувани за инциденти на јавни простори.

 

Во Судот продолжува судењето

Во Основниот кривичен суд во Скопје е во тек судењето против Јовановски, кој е обвинет за повеќе кривични дела, меѓу кои наведување на самоубиство, телесна повреда и загрозување на сигурноста.

На првото рочиште тој призна вина за дел од делата, но подоцна го повлече признанието, тврдејќи дека сведок го присилувал да признае. Судот, согласно Законот за кривична постапка, не го прифати признанието бидејќи не било дадено доброволно.

Мајката на починатата Ивана, Љубица Стојановска, детално раскажа за неколку случаи кога нејзината ќерка била брутално психички и физички малтретирана од обвинетиот Јовановски, потврдувајќи го континуитетот на насилството кое институциите не успеале да го спречат (dw)

Back to top button
Close