По убиството на Росица — „Ниту една повеќе!“ повикува на блокада пред паркот „Жена Борец“
По убиството на Росица, феминистичкото движење за слобода и правда на жените „Ниту една повеќе!“ ги повикува граѓаните да се приклучат на блокадата што ќе се одржи денес од 18 часот пред паркот „Жена Борец“ во Скопје.
Организаторите велат дека целта е јавно и солидарно да се испочитува барањето за еднаквост и живот без насилство. „Движењето е резултат на нашиот гнев – затоа што жените во оваа држава не се заштитени – и нашиот страв за тоа уште колку жени живеат во насилство или под ризик од насилство, чии крици за помош се задушени секој ден. Но, истовремено е и резултат на нашата храброст и одлучност: наместо да се плашиме која ќе биде следна, тука сме да кажеме дека нема да има ниту една повеќе. Целта ни е да изградиме заедништво и решително да покажеме дека не може да се продолжи како досега – да покажеме надеж за иднина без насилство, но и должна правда за сите жртви кои не беа навремено заштитени“, порачуваат од „Ниту една повеќе!“.
Тие ги повикуваат сите граѓани да дојдат, да го искажат своето мислење и чувство, да предложат што треба да се подобри во системот и заедно да дискутираат за решенија против институциите кои, според нив, го загрозуваат животот на граѓанките.