По заминувањето на Меркел регионот ќе остане во фокусот и на новата влада во Берлин

Ангела Меркел, често прогласувана за најмоќна жени во светот и една највлијателните и највпечатливите политички фигури, по 16 години се повлекува од активниот политички живот. Таа ја предводеше Германија-најмоќната економија во Европа, низ тешки периоди како финансиската и економската криза, хуманитарната бегалска и мигранстка криза и за време на Ковид-пандемијата. Тоа се години кога земјата стекна почит и љубов во Европа и во светот, ќе рече германскиот претседател Штајнмаер. Но Меркел заминува во политичка пензија во време на големи глобални предизвици, на отворени несогласувања во ЕУ, на сеуште нескротената пандемија и на се поверојатна енергетска криза.

Во однос на регионот Меркел беше главниот промотор на поблиската соработка меѓу Западниот Балкан и Европската Унија, и доследно се бореше за проширување. Сепак, Северна Македонија и регионот и покрај ветувањата остануваат со неизвесни изгледи околу евроинтеграцијата и со се поголема колебливост во Унијата во однос на проширувањето.

За тоа што го очекува регионот по завршувањето на ерата на Меркел, дали новата власт во Берлин ќе ја продолжи досегашната политика во однос на ЕУ проширувањето и за влијанието врз македонско-германските односи, МИА разговараше со амбасадорот Ѓорѓи Филипов и политичките аналитичари Алберт Муслиу и Димитар Николовски .

Амбасадорот Филипов во коментар за МИА посочува дека канцеларката Ангела Меркел беше централниот аниматор на ЕУ во однос на прашањето за иднината на земјите од Западен Балкан. Во нејзино време се случи отпочнување на преговорите меѓу Србија и Косово, како и создавањето на Форумот наречен Берлински процес, чии почетоци датираат уште од 2013 (иницијатива), односно 2014. Целта, вели, беше зајакнување на заедничката позиција на земјите од Западен Балкан (Северна Македонија, Србија, Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина) во поглед на свесноста за неизбежноста од нивна меѓусебна соработка на политичко и особено на стопанско поле, пред да станат членки на ЕУ.

Според него, на ваквиот потег на Меркел големо влијание извршило лошото искуство од „предвременото” примање на Бугарија и Романија во НАТО и ЕУ водено исклучиво од геостратешката позиција на тие земји имајќи ја предвид нивната граница со Русија и останати земји од поранешниот Советски Сојуз, преку Црно Море, како и со Турција и цевководите преку кои би се пренесувале гас или нафта од Русија или Азербејџан или други земји, кои речиси во сите варијанти ја опфаќаат Бугарија. Дополнително влијание, додава, беше засилениот ангажман на Русија и Кина во надворешната политика и „стравот” тие да не се стекнат со примат во соработката, а со тоа и со влијанието на политички и економски план врз земјите од Балканот.

 

-Во периодот на владеењето на Меркел Германија значително ја зголеми економската размена со земјите, дури со најголемиот дел од нив е во дефицит како резултат на купување стоки што се произведуваат во фабрики отворени како странски инвестиции во земјите на Западен Балкан. Тоа значи дека Меркел ја зголеми и финансиската и економската зависност на Западен Балкан од германскиот стопански ангажман, вели тој.

Филипов, кој беше амбасадор во Германија од 2005-2010 година, потсетува дека за време на нејзиното владеење дојде и до решавање на деценискиот спор за разликите околу името меѓу Република Македонија и Хеленската Република, иако, вели, не сме сигурни околу тоа дали директно била вклучена во преговорите и германската дипломатија. Сепак, додава, Меркел дојде првпат во официјална посета на државата, по решавањето на спорот што таа го сметаше за убав повод, бидејќи, вели, според нејзини зборови, „двете земји ќе ги боли и ќе ги радува подеднакво” и ќе создадат нови можности за Северна Македонија.

-Колку и да звучи неверојатно Ангела Меркел не очекуваше дека за време на германското претседавање со ЕУ, Албанија и Северна Македонија, нема да добијат датум за отпочнување на преговорите. Причините за тоа кој, кого, кому, зошто, кога и како, ќе остане да ги бараат историчарите и политичките аналитичари, но факт е дека најголемиот сосед и прв признавач на независноста на Република Македонија стана последниот и најголем сопирач на нејзиниот напредок и нејзиното политичко членување во Европската Унија. Меркел, како голем прагматичар и самата приврзаник на реалната политика тоа го прими мирно (тоа беше голем удар за неа лично и за германската политика и дипломатија посебно) и продолжи да работи на заокружување на нејзиниот мандат, којшто во најголем дел беше навистина успешен за интересите на Европската Унија, Германија, па и на интересите на Западен Балкан, колку и да се чини парадоксален овој исказ, смета амбасадорот Филипов.

Во однос на новата влада и канцелар што Германија треба да го добие од редот на социјалдемократите, според Филипов, можеби и пред божиќните празници,  неговите очекувања се дека Берлин ќе продолжи со старата, па дури и уште поинтензивна политика кон Западен Балкан и Северна Македонија, политика на поддршка, инсистирање на поголема соработка на земјите од регионот и отпочнување на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Свое влијание ќе има и тоа, вели, кој ќе го води ресорот на Министерството за европски и надворешни прашања на Германија.

За политичкиот аналитичар Албер Муслиу канцеларката Меркел беше прилично посветена на регионот, дури го иницираше и Берлинскиот процес, па дури, вели, неретко со своето однесување им замеруваше и на нејзините стратешки партнери за тоа како се однесуваат кон регионот. Очекува Западен Балкан да остане во фокусот и на новата влада, иако со нејзиното заминување од политичката сцена како регион губиме еден пријател со лична посветеност.

 

-Регионот секако ќе остане во центарот на вниманието на Германија и со новата влада, тоа неспорно е и со самото наше присуство таму, со економската соработка, со сите тие стари и нови врски кои постојат но личната посветеност е таа која секако ја прави разликата, а дали така ќе биде и со новата влада тоа треба да го причекаме. Чудно беше кај канцеларката Меркел затоа што беше од десна провиниенција, а тоа не и сметаше во нејзиниот однос со партнерите во регионот. Таков однос имаше и кон нашиот премиер, нашата Влада, таков однос имаше и кон албанскиот премиер, иако и двајцата се од левата провиниенција. Така што мислам дека за неа побитно беше што се прави во регионот отколку провиниенцијата, кој ја раководи државата, оценува Муслиу.  

Извршниот директор на Центарот за европски стратегии – Евротинк, Димитар Николовски го дели мислењето на амбасадорот Филипов и на Муслиу дека Германија во времето на Меркел се постави како главниот промотор на поблиската соработка меѓу Западниот Балкан и Европската Унија и доследно се бореше за проширување.

-Иако се сметаат за највлијателна земја-членка на ЕУ, сепак не беа доволно моќни да влијаат на одредени процеси во регионот така како што им одговара. Од новата влада очекувам продолжување по истите линии и продлабочување на економската соработка. Се претпоставува дека Зелените ќе ја добијат можноста за управување со Министерството за надворешни работи. Доколку навистина дојде до тоа, очекувам засилена реторика и построги стандарди во однос на владеењето на правото и човековите права во регионот, вели Николовски.

Германија и спорот со Бугарија

Со оглед на фактот дека Северна Македонија на патот кон ЕУ е заглавена од Бугарија и во однос на тоа дали може да се очекува посилен ангажман од новата влада во Берлин во контекст на деблокада на процесот на проширување, тројцата политички аналитичари со позитивен одговор, но и со извесна задршка.

Филипов вели дека може да се очекува поголем ангажман, иако во предизборната кампања и надмудрувањата на кандидатите за канцелар и пратеници во новиот парламент на Сојузна Република Германија не доминираше надворешната политика туку социјалните прашања, емиграцијата, екологијата, економијата и барање излез од пандемијатата на Ковид- 19, која никако да прекине.

Според него, некои искази на бугарскиот претседател и на други политичари од нивната техничка влада говорат дека и германската влада на заминување и не само таа, вршеле и сега вршат силен притисок врз Бугарија за деблокада на отпочнувањето на преговори на Албанија и Северна Македонија и оставање историските, научните и други професионални прашања од Договорот за пријателство да ги решаваат соодветните комисии. Сепак, според Филипов, на овој план не е доволен само ангажманот на Берлин, без во процесот да бидат вклучени и Париз и другите земји-членки.

 

-После овие пријателски убедувања бугарскиот претседател објави дека не е важна работата на комисиите, туку положбата на Бугарите во Северна Македонија, па дури и организираше состанок со претставници на одделни здруженија на Бугари од Македонија, кои требаше да ја потврдат таа теза, која, како што рече тој, „ја разбирале Европејците”. Што ќе разберат Европејците останува да видиме. Сметам дека и најсилниот ангажман на Германија нема да биде доволен, доколку остане само ангажман на Германија, а другите членки останат по страна и немо гледаат како еден посилен брат ја злоупотребува моќта и го сопира развојот на помалиот брат, со тоа срамејќи ја и намалувајќи и го угледот на целата фамилија, т.е., Европската Унија, дециден е Филипов.

Од следењето на поголемиот дел дебати на германските телевизии пред изборите, па и сега, радува фактот, вели Филипов, дека идниот канцелар, Олаф Шолц најави дека првата посета по седнувањето во жешката канцеларска фотелја ќе му биде во Париз, на средба со Емануел Макрон, претседателот на Франција, што значи дека тој разбира дека без заеднички и тоа пријателски, а не само обврзувачки сојузништва меѓу Германија и Франција, ЕУ нема голема погонска сила. Го радува и фактот што Аналена Бербок, шефицата на Зелените, вториот по големина учесник во владината коалиција, ќе оди прво во Брисел, со што, смета тој, и се дава значење и поддршка на Европската Комисија со цел ревитализација на Унијата.

За Муслиу секако дека регионот ќе биде во фокусот на новата германска влада, но во кој обем тоа вели треба да се почека и да се види.

-Секако дека би можело, но сепак пак ви велам ќе зависи од личната посветеност, од фокусирањето на новата влада и на новиот канцелар и на прашања од Балканот. Германија не е локална сила, Германија е глобален играч и ќе видиме колку во таа глобална игра новата влада ќе му даде внимание и на регионот.  Јас верувам дека регионот ќе биде дел од фокусот и на новата влада, но во кој обем тоа ќе треба да го причекаме и да го видиме, нагласува Муслиу.

Николовски, пак, посочува дека иако веќе имаше сериозни обиди да се убеди Бугарија да понуди отстапки во однос на своите барања, до сега не дојде до тоа. Очекува поголема креативност и зајакната реторика кон Бугарија од новата германска влада, заради фактот што се засегнати стратешките цели на Унијата.

Поставувањето временски одредници и процесот на евроинтеграција

Во декларацијата од Самитот во Брдо потврдена е европската перспектива на регионот, но без прецизна временска рамка. Канцеларката Меркел исто така застана зад овој став. Според Филипов, шефовите на држави или влади од ЕУ на Самитот во Брдо во Словенија немаа друг избор и донесоа таква декларација каква што донесоа, без прецизирана временска рамка. Тоа значи дека имало значајно противење да се донесе временска рамка од некој претставник на некоја држава, а вели тој, не е тешко да се погоди, која.

 

-Канцеларката Меркел е реал политичар, пред себе ја има секогаш големата слика и моментално подобрата одлука за ЕУ, морала да се согласи на таква декларација и затоа „застанала” зад тој став. Тоа ќе биде така и ЕУ нема да оди напред и угледот на ЕУ во цветот ќе паѓа сѐ додека не пронајде механизам за донесување одлуки без консензус, туку со надгласување. Погледнете ги последните поместувања во однесувањето на големите земји и постојаните членки на Советот за безбедност на ОН и ќе видите дека големите сили на некој начин ја заобиколуваат ЕУ кога се работи за политички или безбедносни одлуки и разговараат поодделно со големите држави од ЕУ. Што се однесува до одредниците, сигурно дека ќе помогнат, зашто работите ќе бидат појасни. Се разбира дека при одредувањето на временската рамка, таа како и секоја друга задача, треба да биде SMART (Specific, Measurable, Achievable, Real, Time Limit), т.е., паметно поставена, односно добро прецизирана, мерлива, достижна, реална и временски ограничена, оценува Филипов.

Муслиу смета дека временските одредници не се многу од помош за процесот на проширување на Унијата, туку сработеното во делот на реформската агенда.

-Можеби словенечкиот премиер сакаше да има во своето сиви дел дека и тој нешто сторил за регионот, и неспорно е тоа. Но, искуствата од ЕУ-интеграциите укажуваат на тоа дека давањето датум не дека нешто реално менува. ЕУ е спор систем. За мене е побитно тие да укажат на нивната посветеност, дека тоа што ќе го ветат ќе го сработат отколку да има временска рамка во која ќе треба да се стеснат и да сработат. Мислам дека и за нас како општества тоа не би ни завршило работа ако ги ослободува од одговорност нашите политичари да тоа што треба да го сработат да го сработат. И не е случајно што и самата канцеларка се огради од таа иницијатива, вели Муслиу.

 

Николовски, пак, со став дека временски одредници дефинитивно ќе му помогнат на процесот, и ќе придонесат кон тоа владите и граѓаните од Западниот Балкан посериозно да гледаат на европските партнери.

-Во моментов, разочарувањето, особено во Македонија и Бугарија, е огромно, и проевропските сили се мачат да ја одржат поддршката за ЕУ кај пошироката јавност. Поголема прецизност во комуникациите од страна на ЕУ ќе придонесе кон враќање на довербата, посочува Николовски.

Берлинскиот процес

Придонесот на Меркел кон евроинтеграцијатата на регионот најпластично и највидливо се отсликува низ Берлинскиот процес кој таа го иницираше пред осум години. Очекувањата се дека таа ќе биде поддржана и од новата германска влада.

Филипов потсетува на изјава на Меркел како канцелар во заминување дадена по посетата на земјите од Западен Балкан дека сите земји од регионот треба да станат членки на ЕУ зашто тоа е од „апсолутен геостратешки интерес на ЕУ”. На Отворен Балкан како регионално креирана иницијатива тој гледа како на надополнување на Берлинскиот процес.

 

-Токму тоа го има како цел и Берлинскиот процес – подготовка на тие земји за нивно членство во еден клуб за кој членарината е висока, но и придобивките од членството се високи. Тоа го увидоа трите земји Албанија, Северна Македонија и Србија и предложија еден вид асоцијација на тие земји врз база на една платформа наречена „Отворен Балкан”, што беше одлично оценето од страна на ЕУ и САД. Да веруваме дека овaа асоцијација вистински ќе профункционира, после што ќе следи брзо приклучување и на останатите три земји Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово. Сметам дека успешното функционирање на „Отворен Балкан” ќе го забрза процесот на апсорбирање на преостанатите шест членки, коишто се географски членки, но сѐ уште не се политички и економски дел од најнапредната политичка, економска и хуманистичка асоцијација на држави позната во историјата на човештвото, наречена Европска Унија, вели амбасадорот Филипов.

Муслиу нагласува дека не не верува оти тоа прашање ќе се занемари, бидејќи Германија е сериозна држава, а дали од тоа ќе произлезат и нови активности, зголемена динамика, ќе треба да причекаме да видиме која ќе биде посветеноста.

-Јас сум прилично убеден дека Германија ќе биде посветена на регионот, но тоа ќе се покаже многу брзо, така што ќе причекаме за тоа. Верувам дека Берлинскиот процес ќе биде сериозно присутен тука. Верувам дека новата влада во Германија нема како што го прават тоа кај нас да ја минимизираат таа, па да почнат со некоја нова иницијатива од ист вид затоа што кај нив историјата продолжува, само кај нас помалите држави со секоја влада почнува нова историја, нагласува Муслиу.

Николовски, од своја страна, укажува на придонесите на Берлинскиот процес, како што е роамингот и регионалната канцеларија на млади, кои вели, се огромни чекори напред, но за жал многу малку се промовирани во јавноста, а граѓаните и не знаат дека е тоа придобивка од Берлинскиот процес.

-Повторно би се навратил на комуникациитеогромните инвестиции кои доаѓаат се прилика да се врати довербата во ЕУ, но тоа мора многу подобро да се претстави и искомуницира. Исто така, очекувам конвергирање помеѓу Иницијативата за „Отворен Балкан” и заедничкиот регионален пазар за неколку години, вели Николовски. 

 

На федералните избори што се одржаа на 26 септември во Германија, со тесно водство победија Социјалдемократите (СПД) пред демохристијаните (ЦДУ) на канцеларката Ангела Меркел. Во тек се преговорите за формирање коалиција помеѓу СПД, Зелените и слободните демократи (ФДП). Доколку преговорите бидат успешни, новиот германски канцелар ќе стане кандидатот на социјалдемократите Олаф Шолц. Очекувањата се дека пред Божиќ ќе се формира нова влада. Со тоа и формално ќе биде означен крај на 16-годишното владеење на демохристијаните предводени од Меркел.

Back to top button
Close