Побаран е притвор за 10 лица во дискотеката имало големи пропусти
Десетици пропусти се пронајдени во првите часови од увидот во дискотеката каде загинаа 59-лица. Републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски кажа дел од нив посочувајќи дека „пропустите се навистина многу големи“. Краткорочен притвор ќе се бара за 10 лица.
Од увидот на јавните обвинители, заедно со инспектори на ДЗС беше констатирано дека објектот немал хидрантска мрежа ниту хидрант во близина, имало само два ПП апарати, имало само една импровизирана метална врата, која била заклучена со катанец и без квака од внатрешна страна, а обложена со сунѓер. Немало пристап за противпожарни возила од две страни. На ѕидовите немало противпожарно отпорен материјал, немало врати со противпожарна отпорност, ниту систем за кочење на вратите, ниту систем со јак звучен сигнал за сигнализација на гостите. Во објектот противзаконски биле користени пиротехнички материјали, без друштво за палење на пиротехничките материјали. На лице место бил присутен и државен инспекторат за урбанизам, по што констатирано е дека објектот е регистриран како деловен објект за лесна индустрија. Не е извршена пренамена на објектот во угостителски објект. И покрај тоа што за објектот нема пренамена, истиот има дозвола за работа од Министерство за економија за угостителски објект издадена пред 15 години“, рече Коцевски.
Увидот ќе продолжи и утре.
„Беше наредено да се апси секое лице кое што со своето постапување или непостапување придонело за настаност и да се испита неговата улога. Беше дадена наредба за анализа на одземени предмети. Беше издаден предлог за издавање на наредба за привремено одземање на видео запис и документација. Беше издадено барање за претрес. Во текот на денешниот ден, од страна на јавните обвинители, беше извршен увид на лице место, траеше до вечерните часови и се уште не е завршен. Ќе продолжи и утре. Во текот на утрешниот ден, од моја страна ќе ангажирам од три до пет јавни обвинители од скопското обвинителство, оти е сложен предмет“, рече Коцевски.
Краткотраен притвор ќе се бара за дел од лицата кои сега се задржани во полициска станица.
„Сослушан е еден од првите осомничените, тоа е еден од организаторите. Тој даде одредени релевантни докази. Нема писмен договор помеѓу организаторот и од страна на групата, односно за организирање на концертот. Можам само да кажам дека може евентуално да се работи за кривични дела од член 292, за давање и примање поткуп и за пиротехничките средства. Лицата постапувале спротивно на правилата за мерките за заштита“, додаде Коцевски.