Пoбеда на Радев: Потежок соговорник за Македонија или ист?
Коалицијата „Прогресивна Бугарија“ на поранешниот претседател Румен Радев е неоспорен победник на изборите и ќе има мнозинство од 121 глас (и повеќе) во новиот бугарски парламент. Ова го покажуваа податоците од паралелно пребројување на социолошки агенции, а го потврдија и резултатите од обработени 87,23% од извештаите на окружните изборни комисии.

Тие покажуваат дека „Прогресивна Бугарија“ убедливо води со 44, 56%, додека ПП-ДБ со 13,45% води трка за второто место пред ГЕРБ-СДС која досега има 13,31%. Движењето за права и слободи (ДПС) има 6,08%, „Преродба 4,38%, а БСП, заедно со уште пет партии, меѓу кои и „Има таков народ“, не влегуваат во парламентот.
Првпат по три децении
Последен пат кога една коалиција освоила мнозинство во парламентот (137 места), е во 1997 година, посочува поранешниот македонски амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев.
„Ова е првпат по речиси три децении да победи една коалиција, која во парламентот ќе има мнозинство. Тоа се случи во 1997 година кога победи Иван Костов со коалицијата Обединети демократски сили“, потсетува Ѓорчев.
Таа влада на Костов (1997-2001 година) беше и првата која по демократските промени во Бугарија во 1989 година успеа да го реализира целиот четиригодишен мандат. Блиску до таков резултат во 2001 година беше и Симеон Сакскобурготски, чија новоформирана партија „Национално движење Симеон Втори“ освои 120 места во Народното собрание, а во 2009 година ГЕРБ на Бојко Борисов освои 116 пратенички места во парламентот, 5 помалку од потребното мнозинство (121).
По осум изборни циклуси за пет години, големата победа на Коалицијата „Прогресивна Бугарија“ укажува дека за првпат по подолго време една коалиција ќе има мнозинство, без потреба да коалицира со друг партнер.
Единството што го немаме
Гледано од македонски аспект, стабилна влада во Бугарија се смета за важен предуслов за разговори за надминување на спорните прашања кои го кочат интеграцискиот пат на Македонија. Во пресрет на изборите во Бугарија, дел од домашните аналитичари оценуваа дека „победа на Радев не би била добра вест за Македонија“, со оглед на неговите досега презентирани ставови и со оглед дека таму има полиберални фигури од него. Но, изминатите години покажаа дека и во мандат на „полибералните“ немаше исчекор по тоа прашање.
„Ниту еден бугарски политичар не може да излезе од бугарската матрица на нивната национална доктрина за македонското прашање“, вели Ѓорчев.
„Не е спорно дека Бугарија прва ја призна независна Македонија, но имаат проблем со суштината на македонскиот суверенитет, изразена преку ставот ‘Македонија во ЕУ може, но македонизмот не може’. Ни Радев не може да излезе од таа матрица, бидејќи нема овластување од бугарските граѓани за тоа“, вели Ѓорчев.
Според амбасадорот, проблемот е што во Македонија не постои такво единство какво што постои во Бугарија.
Поранешниот македонски амбасадор во Бугарија, Марјан ЃорчевПоранешниот македонски амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев
„Ниту еден бугарски политичар не може да излезе од бугарската матрица на нивната национална доктрина за македонското прашање“, вели поранешниот македонски амбасадор во Бугарија, Марјан ЃорчевФотографија: Petr Stojanovski/DW
„Ние овде треба да покажеме иста таква едногласност. Треба да се бараат патишта за соработка, да разговараме за сегашноста и иднината, а не за тоа чиј е Гоце Делчев. Дали Франција и Германија денес дебатираат за тоа чиј е Карло Велики?“, прашува Ѓорчев.
Но, вели дека не може да ја бараме вината во Бугарија, затоа што некој овде потпишал дека со Бугарија „имаме заедничка историја“.
Кој пат ќе го следи?
Додека во повеќе медиумски анализи Радев е портретиран како „новиот Орбан во ЕУ“ и личност за која е неизвесно „кој пат ќе го фати“, тој изјави дека Бугарија ќе остане на европскиот пат, но со попрагматичен пристап.
„Бугарија продолжува да го следи својот европски пат, но на Европа ѝ треба критичко размислување, прагматизам и реални резултати“, одговори Радев на новинарско прашање за курсот на државата.
Притоа ја нагласи потребата од нова стратегија за безбедноста и економскиот развој на ЕУ.
„Европа мора да ја врати својата конкурентност и да ја запре деиндустријализацијата. Без енергетски ресурси, не можеме да говориме за економска сила“, изјави Радев.
Според амбасадорот Ѓорчев, Румен Радев ќе го продолжи европскиот пат, но веројатно ќе се залага и за соработка со други земји заради интересите на Бугарија. Со обука и диплома од школа за воздухопловство во САД, како и докторат по воени науки во областа на подобрување на тактичката обука на авионски екипажи и симулација на воздушна борба, Радев се смета и за одличен познавач на воено- безбедносни прашања.
„Тој е бугарски суверенист. Ги познава работите и во НАТО, и може да процени што е добро за Европа, што е добро и за Бугарија“, оценува Ѓорчев.
Против олигархијата и корупцијата
Румен Радев тргна во изборна трка со ветувања за демонтирање на олигархискиот модел на управување со државата, силна антикорупциска борба и реформи во судството и обвинителството.
Дури и ако „Прогресивна Бугарија“ има мнозинство од 121 глас и повеќе од тоа, сепак ќе и бидат потребни преговори за да се постигне уставно мнозинство од 160 гласови за избор на Врховен судски совет – (ВСС) клучен чекор кон промените во обвинителството и судството што ги вети оваа коалиција.
„Се надевам дека ПП-ДБ и јас гледаме во иста насока кога станува збор за Врховниот судски совет. Очекувам партиите што поднесоа барање за судска реформа да ги исполнат“, изјави Радев по изборите.
По тоа прашање има согласност кај ПП-ДБ. Од оваа коалиција истакнаа дека фактот што Борисов (ГЕРБ) и Пеевски (ДПС) нема да имаат 80 гласови, значи можност да се сменат Врховниот судски совет и главниот обвинител.





