Побрз проток на патници на Табановце и нови зелени коридори како дел од Отворен Балкан
Со реконструкцијата и новопоставените кабини и рампи, покрај подобрување на условите за работа, се постигнува и дополнително забрзување, пред се при пасошката проверка, бидејќи новата поставеност на кабините е таква (и за патнички и за товарни возила), да овозможува истовремено работење (без празен ‘од) на граничните полициски службеници од двете држави, што дополнително ќе влијае на забрзување на протокот на патнички и товарни возила, кое е особено важно во летниот период во тек на туристичката сезона.
Дополнително, за сите увозници, извозници, транспортери и други учесници во царинската постапка од трите земји во иницијативата Отворен Балкан, како и за економските оператори иматели на ОЕО одобренија и стоки од Зелените коридори, на граничните премини Табановце и Ќафасан во март 2022, поставени се табли за зелени (приоритетни) ленти. По истиот принцип, вакви табли се поставени и на Прешево и Ќафтане, од страна на Србија и Албанија.
„Зелените коридори” за проток на осетлива стока успешно и непречено функционираат во регионот со земјите на ЦЕФТА. Во Република Северна Македонија тие се применуваат на граничните премини: Табановце, Блаце и Ќафасан, при што важат за усогласена ЦЕФТА-приоритетната листа каде се предвидени стоките што ќе имаат првенство на минување. Листата е јавно достапна (на веб страната на Царинска управа) и содржи прехранбени производи – месо, зеленчук, потоа медицинска опрема, лекови – точно определени по тарифни броеви. За овие стоки Царинските управи обезбедуваат приоритетен третман при премин на границата и при царинење, a списокот на овие стоки може да се менува и усогласува со сите ЦЕФТА земји. Исто така, информациите за овие видови стоки пред пристигнување се праќаат и се добиваат преку електронскиот систем на ЦЕФТА – СЕЕД. Идентификацијата се врши врз основа на тарифните ознаки, внесени во извозните и транзитните декларации.
Имајќи ги предвид позитивните искуства од примена на Зелените коридори во рамките на ЦЕФТА, во тек се активности за нивно проширување кон соседните земји-членки на ЕУ. Во таа насока, на 07.07.2022 година, во рамките на Форумот за конективност во Солун, директорката на Царинската управа на Република Северна Македонија и гувернерот на Независната управа за јавни приходи на Република Грција, потпишаа Меморандум за разбирање за електронска размена на податоци, со кој се овозможува примена на Зелените коридори за стоки кои излегуваат кон Република Грција, како и електронска размена на сет на податоци, пред пристигнување, преку системот ЦЕФТА – SEED системот. Во следните 6 месеци предвидено е можно проширување на опфатот на Меморандумот, со цел размена на податоци за стоки на влез во Република Северна Македонија од страна на Грција. Со тоа, граничниот премин Богородица – Евзони со Република Грција е првиот пример на воспоставен Зелен коридор со земја-членка на ЕУ.