Побуна во американскиот конгрес

Мерсел Биљали

Мудриот американски државник Џорџ Вашингтон, рекол: „Соборивме диктатури и многу монархии, но сепак создадовме за себе земја со многу слобода и суровост“!

А Трамп избра да биде дел од второто! САД денес се поизолирани од кога било досега. Го ослабија НАТО сојузот, ги расипија односите со ЕУ, создадоа светска безбедносна и енергетска криза, го простираа тепихот за Путин, флертуваат со Кина! Трамп ги натера САД да се ослабнат себеси и да ја разочарува Велика Британија како вековен сојузник. Трамп ја изгуби шансата да најде рационално решение за проблемот што го создаде. Формиран е сојуз од 35 земји инициран од Велика Британија за флексибилна деблокада на Ормуз, без САД и без Трамп кој претендира резултати со заканувачка реторика! Лошо е кога бараш среќа таму каде што сите ја изгубиле.

Трамп го нарече НАТО „сојуз од хартија“ и најави повлекување на трупите од Германија. „Не ни требате“ им се закани на НАТО членките. Дури и умерениот Рубио најави „преиспитување“ на односите со НАТО! Најголемиот дар за оние кои го поддржуваат ѓаволот е пеколот. Но, деновиве стана јасно дека американскиот Конгрес е против напуштањето на НАТО. Јавно и јасно кажуваат дека НАТО ги прави Американците побезбедни. НАТО обезбедува политичка стабилност во светот и економски прогрес за сите. „Секој што размислува за повлекување од НАТО ги следи соништата на претседателот Путин“ – изјавија група демократски и републикански конгресисти. Фамозниот поранешен советник за национална безбедност на САД, Џон Болтон, кажа дека без НАТО нема светска безбедност! И бројните структури на американскиот воено-индустриски комплекс се вклучени во внатрешната жестока политичка војна. Тие таквата политика ја сметаат за абортус на природата.

Трамп на негов својствен начин остро ги навреди шпанскиот премиер, наследникот на саудискиот престол, претседателот на Францијa, и сите европски лидери. Тешко е со човек кој има проблем со секое решение. Тој не пропушта можност да пропушти шанса да навреди. Жан-Жак Русо вели дека навредата е причина за оние кои не се во право. Трамп со еден „бакнеж во задникот“ изгуби 145 милијарди долари од Саудиска Арабија за купување оружје. Едноставно кажано, САД со Трамп го загубија светот што низ години го создадоа. Еднаш ќе прогласи дека целта со Иран е постигната, а половина час подоцна ќе каже нешто сосема спротивно! Еднаш ќе го пофали иранското водство оти му дале нешто што вреди „многу пари“, за потоа да им се закани дека „ќе ги врати во камено доба“! Во објава на „Truth Social“ Трамп кажа дека – „Доколку Ормускиот теснец не се отвори веднаш, ќе ги уништиме сите нивни капацитети за производство на електрична енергија, нафтени бунари и островот Харг, а можеби и сите капацитети за десалинизација! По неколку часа, тој ќе изјави – „Кому му треба нафта, самиот нека го отвори Ормуз“! ЕУ продолжува да се снабдува со нафта и гас од други играчи како што се Азербејџан, Казахстан и Либија, како и Норвешка, но сепак глобалниот недостиг влијае на цената.

Иранци и Хути го блокират светот!

Околу 28% од светската трговија се одвива преку Средоземното Море, а 12,5% преку Суецкиот канал. Јеменските Хути повремено го затворат теснецот Баб ал Мандеб, што тотално ја затвара најважната пловидба на светот. Од можното затворење на Суецкиот канал се губи над 9,6 милијарди долари дневно, а поради затворениот Ормуски теснец светот губи 12 милијарди евра дневно. Една третина од светскиот гас поминува низ Хормуз и оди најмногу за Европа, Индија, Кина и Јапонија.

САД се најголемиот производител на нафта на планетата, пумпајќи рекордни 13,6 милиони барели дневно, но сепак, САД не се остров сам по себе. Цената на нафтата силно влијае и врз нив. Башка што американските рафинерии не се потпираат само на домашната нафта. Тие обично ја мешаат многу лесната американска нафта со потешка сурова нафта што се пумпа во странство – рече Клаудио Галимберти од „Rystad Energy“. Поради голем геополитички ризик осигурителни компании бараат поголема премија за осигурање, што го зголемва притисокот врз цените низ целиот свет, вклучително и на американските бензински пумпи. Тешко е да се види како фрлањето пешкир во теснецот решава нешто. Тоа во основа би било предавање на теснецот на Иран и гарантирање повисоки цени на енергијата, бидејќи Иран слободно може да наплаќа пловидба.

Што се однесува до Ормускиот теснец, Трамп постојано најавуваше контрола врз него, и секако тоа ќе им дадеше на САД стратешка предност во однос на Кина, но таа цел не може да се постигне со капацитетот не Трамп. Вчера, на некој начин, тој го призна тоа – земјите што зависат од Ормускиот теснец треба да ја обезбедат пловидбата. А војната не ја започнаа Европејците или некој друг за да платат за својата грешка. Трамп бара сите други да платат за неговите грешки.

Конгресмените се бунтубаат!

Американските конгресмените предупредија дека слабеењето на сојузите е стратешки губиток за САД. Една огромна предност што САД ја имаа во однос на своите ривали во минатото беше нивниот силен НАТО сојуз. И тоа сега е доведено во прашање. Ова значи дека е изгубена уште една стратешка предност за САД, предупредуваат тие. И дека тоа не сме да се дозволи.

Општа констатација е дека Трамп практично нè доведе во ситуација каде што добар број аналитичари, политичари и граѓани повеќе не размислуваат за тоа како ќе изгледа светот за пет или десет години, туку како ќе изгледа утре, по месец дена или до крајот на годината. Оваа акција на САД и Израел против режимот во Техеран е дел од неколку мега трендови што ги обликуваат меѓународните односи. Имаме сè повеќе конфликти и сè помалку соработка. Сега од Месечина се гледа дека стариот мултилатерален поредок е во урнатини, а на повидок се нови лудачки сојузи. Водството на Трамп не претставува некаков поредок, тој е негација на сè што ги карактеризираше односите меѓу САД и ЕУ. Оваа акција и на Американците им донесе поскапо гориво, а со тоа и големо разочарување на изборната база на Трамп. Тој не може да го замисли тоа. Тој вети дека САД ќе престанат да бидат светски полицаец. A добивме опасна интервенција со глобални последици и закана не само за противниците, туку и за актуелните сојузници. Дури и кога сојузниците паничат, тој ужива во тоа, не сфаќајќи дека ја довел својата земја до работ на нејзиниот политички имунитет. Стана вистински сејач на хаосот на внатрешна и меѓународна сцена.

Американската Демократска партија е исто така објективно виновна тука, бидејќи доцна се сетија дека не требало да номинираат слаб кандидат кој поздравува невидливи суштества. Во секој случај, на НАТО ќе му треба долго време да ги залечи раните нанесени од MAGA, која некои во шега веќе ја нарекуваат MASA (Make America Small Again). „Потребни се многу добри дела за да се изгради добра репутација и само едно лошо за да се уништи.“ – вели Бенџамин Франклин

А ние не сме од тука!

Што се однесува до нас, важни дипломати акредитирани овде ќе ви дадат до знаење дека имаме недостаток на државнички капацитет. И дека нема да имаме иднина за државата. Направивме држава без основни принципи, без визија, без идеја, без систем на заслуги. И затоа остануваме без луѓе. Ја уништи и таа малата економија што ја имавме, го уништивме образованието, здравството, социјалната заштита, достоинството. Направивме писмени да работат за неписмени. Во име на лажен „патриотизам“ и лажно минато, веќе 35 години ја убиваме иднината. Повеќе стотина илјади млади луѓе насетија дека нивната иднина можат да ја најдат на секаде друго низ светот освен во сопствената татковина. Тие разбраа дека најдоброто нешто што можат да го направат за својата татковина е да се откажат од неа. Станавме приватна држава на група криминални олигарси, кои купија сè за себе, дури и нивните животи.

Тој „трул“ социјализам за 35 години, цели 14 пати ја зголеми живеачката, а ние тука веќе 35 години живееме во конзервиран ум и заледен (не)развој. Веќе исчезна мудроста дека најбогат човек е оној кој не го продава својот карактер.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Back to top button
Close