Поцеска: Секој ден е драгоцен за обновата на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, може да се заврши за две години
Почната е првата фаза од конзерваторско-реставраторските работи на архитектурата на црквата „Св. Ѓорги“ во Курбиново.
Во изјава за „Утрински брифинг“, Валентина Поцеска, долгогодишен конзерватор и советничка на министерката за култура за заштита на културното наследство, вели дека секој ден е драгоцен за обновата на црквата и најави дека следната година ќе биде изработен и проект за конзервација на фреските.
Според неа, обновата би можела да се заврши во наредните две години.
„На терен во моментов се спроведува првата фаза во која се подготвува објектот за напролет да продолжат активни конзерваторски активности. Од статички аспект, можеме да кажеме дека црквата е стабилна, а од надворешната страна на ѕидовите моментално се детектираат основните проблеми на архитектурата за подоцна да можат да се извршат конкретни интервенции од аспект на зајакнување на ѕидовите на коишто има пукнатини. Ѕидовите на самата црква, кои се со дебелина од 80 сантиметри, се чистат од нанесени фуги во длабочина од 1 до 2 сантиметри и мора да нагласам дека не се работи за оригинални малтери од 12 век, туку за материјали нанесени во неколку подоцнежни интервенции во кои се применувани најразлични, меѓу другото, и несоодветни материјали. Сега, во оваа фаза, интервенциите ќе се прават со специјални конзерваторски материјали кои се набавени за оваа намена од Италија. Притоа, стручните тимови ќе пристапат со крајно внимание за да се сочуваат оригиналните малтери од 12 век“,
рече Поцеска.
Поцеска вели дека веќе е заштитена покривната конструкција, поставено е скеле околу објектот и заштитна обвивка која ќе го штити од надворешни влијанија. Во оваа фаза повторно ќе бидат ангажирани стручњаци од Институтот за земјотресно инженерство кои ќе дадат мислење за неопходните интервенции на објектот.
„Сакам јавноста да знае дека со крајно внимание, со стручност и со љубов се работи во Курбиново. Сите инволвирани во неговото спасување се свесни за одговорноста која ја имаат не само пред јавноста туку и во однос на ова непроценливо културно добро – рече Поцеска.