Почесни Оскари за Глен Клоуз и Ридли Скот
Актерката Глен Клоус, режисерот Ридли Скот и аниматорот Флојд Норман ќе добијат почесни Оскари, додека продуцентките Кристин Вашон и Памела Кофлер ќе ја добијат меморијалната награда „Ирвинг Г. Талберг“. Академијата за филмски уметности и науки ќе ги врачи почестите на годишната церемонија на Гувернерските награди на 15 ноември во салата „Реј Долби“ во „Овејшн Холивуд“.

Клоус (79) е номинирана за Оскар осум пати без да освои награда, со што го дели рекордот со Питер О’Тул. Нејзините номинации вклучуваат улоги во „Светот според Гарп“, „Фатална привлечност“ и „Селска елегија“. Таа има освоено три награди „Еми“, три „Тони“, три „Греми“ и три „Златни глобуси“. Академијата го опиша нејзиното творештво како дело со „неспоредлив емотивен опсег“.
Скот (88), кого академијата го нарече „вистински визионер“, исто така никогаш не освоил Оскар и покрај четирите номинации за филмови како „Телма и Луиз“ и „Падот на црниот јастреб“. Неговата филмографија ги вклучува и „Вонземјанин“, „Блејд ранер“ и „Гладијатор“. Норман ја започна својата 65-годишна кариера во 1956 година како прв црн аниматор во студиото за анимација на Волт Дизни, а неговиот придонес вклучува работа на филмовите „Заспаната убавица“, „Книга за џунглата“, „Мулан“ и „Приказна за играчките 2“.
Вашон и Кофлер, коосновачки на независната продукциска куќа „Килер филмс“ во 1995 година, ќе ја добијат наградата „Талберг“ за творештво што одразува „постојано висок квалитет на филмска продукција“. Нивните продуцентски заслуги ги вклучуваат „Момчињата не плачат“, „Далеку од рајот“, „Керол“ и „Мај декември“. Двете беа номинирани за Оскар за најдобар филм за „Минати животи“ во 2024 година.






